Во време кога македонските пензионери и државата се во клинч поради барањето за раст на пензиите и подигање на границата на минималната пензија, се чини дека е разбирливо што се зголемува бројот на македонски граѓани што сакаат да осигурат подобра иднина преку инвестирање дел од своите приходи во доброволното пензиско осигурување. Нашата анализа покажа дека четирите доброволни пензиски друштва веќе ја добиле довербата на 30.000 лица и дека тие управуваат со капитал од 53,3 милиони евра. Станува збор за заштеди што се оплодуваат преку инвестирање во различни инструменти, а според последната статистика од крајот на јуни средствата за една година се зголемиле зa 6,5 милиони евра.
Осигурителниот сектор во Македонија се врати во живот по тешкотиите со кои се соочи за време на пандемијата на ковид-19 и минатата година забележа значително подобри финансиски резултати. Вкупната добивка по оданочување, на ниво на сектор, во 2022 година изнесуваше 531,1 милион денари (8,6 милиони евра). Колку за споредба, за 2021 година добивката изнесуваше 135,6 милиони денари или околу 2,2 милиона евра.
Истражувањето на „Блумберг Адрија“ покажа дека осигурувањето имот во земјава во последните десетина години бележи висок раст, од околу 50 отсто, но сè уште има потенцијал за развој. Според податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, и покрај растот од претходниот период, годинава се забележува стагнација во бројот на склучени договори за осигурување заклучно со јуни годинава во споредба со истиот период лани. Истовремено, лани бил поголем и бројот на исплати поврзани со штетни настани. Намалувањето на осигурувањето имот се должи на високата инфлација лани, која ги зголеми цените на основните производи и услуги.
Рубљата изминатава недела ја проби психолошката бариера од 100 рубли за долар, првпат од март минатата година, а не помогна ниту потегот на руската централна банка, која се обиде да го запре падот со суспендирање на купувањето девизи на домашниот пазар до крајот на 2023 година. Руската валута досега годинава ослабе за околу 25 отсто во однос на доларот, ставајќи ја меѓу трите валути со најлоши резултати на пазарите во развој, заедно со турската лира и аргентинскиот пезос. Нејзината вредност е речиси преполовена во споредба со највисоката точка во јуни минатата година, додека на инвазијата на претседателот Владимир Путин врз Украина не ѝ се гледа крајот, а санкциите, вклучувајќи ги и ограничените цени на нафтата, ги намалуваат приходите од извозот. Тоа ја натера Централната банка на Русија неделава нагло да ги зголеми каматните стапки на вонредeн состанок, свикан откако една од најсилните депрецијации на пазарите во развој фрли дамка врз економијата.
Негативните последици од војната во Украина се чувствуваат и во Европа. Унгарија неочекувано потона подлабоко во рецесија поради својата најдолга економска контракција во последните 28 години, додека војната продолжи да го поткопува економскиот раст низ источното крило на Европската Унија. Влијанието на руската инвазија ја крена инфлацијата на две цифри во најлошата европска криза за трошоците на животот во последните децении и ги поттикна централните банки да ги зголемат каматните стапки. Поради тоа, евидентирана е помала потрошувачка кај компаниите и домаќинствата, што ја задушува економската експанзија на повеќето економии од Балтикот до Црно Море.
И голем број македонски граѓани што се љубители на чоколадо, колачи, бонбони и други кондиторски производи ќе треба да се откажат од „слатките навики“ или барем да намалат со консумацијата на овие производи ако сакаат да го зачуваат семејниот буџет на исто ниво како пред една година. Имено, растот на просечната плата во изминатава година ни оддалеку не може да го покрие континуираното зголемување на цените на „благите производи“. Иако инфлацијата во јули годинава забави на 8,4 проценти, цените на шеќерот, џемот, медот, чоколадите и кондиторските производи се зголемија за 0,5 проценти. Ваквиот раст на цените е предизвикан од енормното зголемување на берзанските цени на шеќерот и на какаото.
Анализата на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ на работењето на текстилците во регионот покажа дека приходите растат, а профитабилноста паѓа во овој сектор. Бројките покажуваат дека просечните приходи на регионалните текстилни компании лани се зголемиле за 33,5 отсто, а профитабилноста се намалила поради растечките цени на суровините и енергентите. Приходите во секторот ќе растат и во следните две години, прогнозира нашиот аналитички тим, но стапките на раст ќе бидат пониски.
Какви ќе бидат економските текови во претстојниот период многу ќе зависи од трендовите во енергетскиот сектор. Иако е далеку е од нивоата од лани, цената на гасот деновиве повторно ја брануваше економијата. Најавите за штрајк во најголемиот производител во Австралија, заедно со наближувањето на зимските месеци на северната хемисфера, се доволни причини за загриженост. Минатата недела цената на гасот, веднаш по најавата за штрајк во австралиските фабрики што се во сопственост на „Шеврон“ (Chevron Corp.) и „Вудсајд енерџи“ (Woodside Energy Group Ltd.), скокна за триесетина проценти.
Македонија се наоѓа пред нови искушенија откако италијанската компанија „ФЦЛ амбиенте“ (FCL Ambiente) поднесе тужба до Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ICSID) за прекршување на договорот за управување со депонијата „Дрисла“. Овој случај датира од јануари 2013 година, кога Град Скопје по меѓународен тендер за јавно-приватно партнерство ѝ го додели договорот односно концесијата за управување со „Дрисла“ на италијанската компанија. За таа цел, јавното претпријатие беше трансформирано во друштво со ограничена одговорност, во кое Италијанците имаа сопственост од 80 проценти, а преостанатите 20 проценти беа во сопственост на Град Скопје. Подоцна, во 2020 година, со одлука на Советот на Град Скопје, „Дрисла“ повторно беше регистрирана како јавно претпријатие.
Од позитивните вести во изминативе денови издвојуваме дека се зголемува интересот на израелски компании за инвестиции во енергетскиот сектор во земјава. Објавивме дека инвеститори од Израел преку нивната унгарска компанија „БИГ енергиа холдингс Кфт.“ ја купува македонската фирма „Дам енерџи“, чија регистрирана приоритетна дејност е производство на електрична енергија. „Дам енерџи“ сè уште е во фаза на развој на проектот за изградба и обезбедување на сите потребни лиценци на централа за производство на електрична енергија од соларни панели фотоволтаици и сè уште нема започнато со производство на електрична енергија. „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека БИГ преку унгарската компанија почна на големо да инвестира во македонскиот сектор на електрична енергија преку купување удели односно цели друштва и преку развивање сопствени проекти.