Фокусот на македонската јавност денеска ќе биде насочен кон собраниската седница за уставните измени којашто доколку не се случи чудо веројатно ќе се претвори во празна дебата меѓу пратениците од власта и опозицијата за тоа кој е виновен што нашата земја се‘ уште не е дел од Европската Унија. Сепак, сите карти се отворени со оглед на тоа што македонските граѓани во минатото беа сведоци дека пратениците лесно можат да го променат мислењето, па дури и таборот посебно ако си ја имаат мувата на капата.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Кој е крив за лажните боледувања - газдите, лекарите или државата?
„Вчера не ми беше добро, не отидов на работа. Ај, пиши ми боледување“. Со вакви барања доаѓаат пациентите кај матичните лекари. Лекарот може да одбие, ама може и да пише боледување, од него зависи. Работодавачите велат дека лекарите претеруваат, па има ситуации, како во време на гроздоберот во Тиквешијата, на пример, кога и по 30 отсто од работниците се на боледување. Берат грозје (за дневница која достигнува и до 3.000 денари), а фабриките се празни.
Јавна тајна е дека боледувањата се злупотребуваат, но и газдите и матичните лекари со кои разговараме велат дека Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) слабо ја контролира оваа област. За илустрација, според годишниот извештај на Фондот за 2022 година, лани биле издадени близу 22.000 боледувања, а извршени биле 168 контроли на привремена спреченост за работа (боледувања).
Колку нè чини егзодусот на младите?
Државата ни старее, младите се иселуваат, а речиси нема сектор што не кубури со работници, што е сериозен проблем за македонската економија. Ако некогаш се трагаше по слободно работно место, сега има работа ама нема кој да работи, па решение ќе се бара и во увозот на работници.
Но колку државата губи со тоа што едуцирала кадри, а тие сега се дел од странски економии? Пресметките на Фондацијата за демократија на Вестминстер надминуваат над 300 милиони евра на годишно ниво. Затоа, освен креирањето политики за задржување на младите, важно е и да имаме план како да ги мотивираме оние што заминале да се вратат назад.
Светските приноси на државните обврзници највисоки во последните 15 години
Приносите на државните обврзници низ светот продолжија да растат, достигнувајќи ги највисоките нивоа од 2008 година. Добрите економски показатели го уништија оптимизмот на инвеститорите дека централните банки наскоро ќе го запрат циклусот на зголемувања на каматните стапки.
Приносот измерен со индексот на „Блумберг“ за светските државни обврзници се искачи на 3,3 отсто во средата, што е највисоко ниво од август 2008 година. Државниот долг низ светот годинава им донесе на инвеститорите загуба од 1,2 отсто, што ја прави оваа класа на средства најлоша во споредба со индексите за други обврзници.
Рекорден раст на бројот на банкроти во ЕУ
Бројот на банкротирани компании во ЕУ се зголеми за 8,4 проценти во вториот квартал од годинава, што е највисоко ниво од почетокот на собирањето на податоците во 2015 година, соопшти Евростат. Оттаму додаваат дека бројот на банкротирани компании расте шест квартали по ред.
„Кај сите сектори на економијата е забележан пораст на бројот на банкроти во вториот квартал од 2023 година во однос на претходниот квартал“, информираат од Евростат.
Најголем пораст на бројот на банкроти е забележан во секторите: услуги за сместување и храна (23,9 проценти), транспорт и складирање (15,2 проценти) и образование, здравство и социјални дејности (10,1 проценти).
Фед: Каматните стапки ќе растат сè додека има ризик од инфлација
Претставниците на Федералните резерви на состанокот за политика одржан во јули главно останаа загрижени дека инфлацијата нема да се повлече и дека ќе бидат потребни дополнителни зголемувања на каматните стапки. „Повеќето учесници и понатаму гледаат значителни нагорни ризици за инфлацијата, што би можело да бара дополнително заострување на монетарната политика“, се наведува во записникот од состанокот за политика на американската централна банка од 25-26 јули, објавен во средата во Вашингтон.
Но, двајца функционери на Фед се залагаа за оставање на стапките непроменети или „можеа да поддржат таков предлог“ наместо зголемување на стапката, покажа записникот. „Состанокот во јули ја обликува тензијата помеѓу податоците за инфлацијата што се намалуваат побрзо отколку што очекуваше Фед и податоците за растот што доаѓаат посилни отколку што очекуваше Фед“, рекоа економистите на „Еверкор“ (Evercore ISI) предводени од Кришна Гуха во белешката по објавувањето.