Владата вчера ги презентираше придобивките за македонските земјоделци од ИПАРД 3 програмата која тежи 97 милиони евра, што е за 62 проценти повеќе отколку претходната ИПАРД 2 програма. Во првиот повик од новата програма кој беше објавен денеска, а ќе трае до први ноември годинава на располагање се 30 милиони евра. Овие пари се повеќе од потребни за осовременување на македонското земјоделство, кое се соочува со негативно влијание од климатските промени.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Само половина од македонскиот ИТ сектор се врати во канцеларија
Збогум на работата оддома - вработените да се вратат на работа во канцеларија. Работодавачите се почесто го креваат гласот дека е време да се врати стариот начин на работа во канцеларија, наместо трендот за работа од далечина кој беше наметнат со појавата на пандемијата. Вработените од друга страна пак се согласни дека хибридниот модел на работа е идеален и не треба да се менува. Анализираме каква е состојбата во Македонија, се вратија ли вработените во канцеларија и колку уште работат од далечина?
Во текот на пандемијата 80 отсто од вработените во ИТ секторот работеле оддома. Сега бројот е намален но податоците покажуваат дека трендот на далечинското рабетоње и наттаму се практикува, потврдуваат од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии- МАСИТ.
ББА-анализа: Платите одамна не растеле со побрзо темпо
Платите во регионот Адрија растат со најбрзо темпо во најмалку една деценија. Словенија е последната земја во регионот каде што стапката на раст на бруто-платата на годишно ниво влезе во двоцифрена зона во првата половина од 2023 година. Бруто-платите во другите држави во регионот Адрија растат со темпо од 10 проценти или повеќе уште од втората половина на 2022 година, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата регионална анализа за движењата на пазарот на трудот објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
Тие сметаат дека силното темпо на раст на бруто-платите во регионот Адрија е поттикнато од комбинација на неколку елементи. Прво, од работниците што бараат повисоки плати во услови на скок на инфлацијата до повеќедеценискиот врв.
Климатските промени им помагаат на штетниците да ни‘ ја уништат храната
Штетниците и болестите го намалуваат родот поради што поскапеа какаото, маслиновото масло и сокот од портокал. Оваа појава ќе стане уште почеста како што се зголемуваат екстремните временски настани. Растителните болести веќе ја чинат глобалната економија над 220 милијарди долари секоја година, а инвазивните инсекти најмалку 70 милијарди долари, според Организацијата за храна и земјоделство на ОН.
Штетниците лесно се прилагодуваат на променливата клима со повисоки температури, што им овозможува побрзо да се размножуваат и да мигрираат, што ги намалува приносите на културите, вели Леа Бухман, ентомолог од Универзитетот Џорџтаун. „Како што се зголемуваат температурите, географскиот опсег и изобилството на инсекти се прошируваат, што само ќе ја зголеми распространетоста на болестите што се пренесуваат преку инсекти“, рече Бахман.
Македонија ја губи пченицата: Сееме исто, жнеемe помалку
Секоја година во Македонија се сее пченица на површина од околу 70.000 хектари, но од година во година се намалува произведеното количество. Статистичките податоци покажуваат дека последен пат годишното производство на пченица во земјава било над границата од 300.000 тони во 2016 година. Оттогаш, годишното производството никогаш не ја надминало границата од 250.000 тони.
Според земјоделците, климатските промени си го земаат данокот и се одразуваат и врз земјоделското производство. На почетокот на годинашната жетва, Перо Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделци во изјава за „Блумберг Адрија“ соопшти дека посевите на пченица годинава се зголемени за 13 отсто, но дека тоа не значи дека ќе има и зголемено произвдство.
„Ген-И Сонце“ ја купува кавадаречката „Кав Сонце“
Енергетската компанија „Ген-И Сонце“ ја купува компанијата „Кав Сонце“ која е во фаза на развој на фотонапонска електроцентрала во близина на Кавадарци. „Ген-И Сонце“ припаѓа на групацијата „Ген-И“ која преку своите зависни друштва е активна на пазарите на Словенија, Австрија, Италија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Албанија, Грција, Турција, Украина и Грузија.
Главните активности на „Ген-И“ групата се снабдување со електрична енергија и природен гас до крајни корисници, трговија со електрична енергија и природен гас, набавка на електрична енергија од големи производители и од производители кои користат обновливи извори на енергија, обезбедување на услуги за енергетска самодоволност и ефикасност на поединци и друштва, обезбедување на напредни услуги на деловни партнери и потрошувачи и портфолио на иновативни производи и услуги на енергетскиот пазар во Југоисточна Европа.