Нарачките во германските фабрики драстично паднаа во јули, што е знак дека маките на најголемата европска економија продолжуваат и во третиот квартал. Побарувачката падна за 11,7 отсто во однос на јуни, што е многу полошо од падот од 4,3 отсто што се очекуваше во истражувањето на „Блумберг“. Ова е лоша вест за Македонија со оглед на тоа што со години наназад Германија е наш најголем трговски партнер и една од ретките земји со кои имаме суфицит во трговската размена.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Банките ги „дерат“ онлајн трговците за промет со платежни картички
Од 0,56 до 1,65 проценти просечен надомест од прометот остварен со платежни картички наплаќале лани банките и другите обезбедувачи на платежни услуги од трговците и останатите субјекти кои овозможуваат ваков вид наплата за производите и услугите. Статистиката на Народната банка открива дека банките имаат различни тарифи за различни дејности и дека висината на надоместот зависи и од големината на остварениот промет.
Убедливо најголема провизија од 2,88 проценти плаќале субјектите кои се занимаваат со електронска трговија, а кои остваруваат годишен промет од милион до десет милиони денари (16.000-160.000 евра). Висока провизија од 2,78 проценти плаќале и онлајн трговците кои остварувале промет до милион денари.
Колку ќе се зголемат ратите за станбените кредити?
Секој трет Британец почнува да работи дополнителна работа за да може да ја плаќа хипотеката. Последното истражување во земјата покажа дека ратите за кредитите по истекот на периодот за фиксна каматна стапка во просек ќе се зголемат за 220 фунти месечно ниво. Според истото истражување, кампањата за зголемување на каматните стапки што ја води Банката на Англија сѐ уште во целост се нема пресликано во пресметките на банките.
Се очекува милиони луѓе во Обединетото Кралство допрва да ги почувствуваат негативните ефекти од монетарната политика. Проценките се дека типично домаќинство со двајца купувачи кои имаат хитотекарен кредит за него ќе одвојуваат 28 отсто од месечните приходи, во 2010 година овој трошок изнесувал 20 отсто.
Продажбата на мало во еврозоната во јули повторно падна
Сезонски приспособената трговија на мало падна за 0,2 отсто во јули во еврозоната на месечно ниво, додека на ниво на целата Европска Унија (ЕУ) падот е малку поголем и изнесува 0,3 отсто, објави во средата Евростат. Евростат ги ревидираше податоците за јуни, наведувајќи дека и во еврозоната и во ЕУ месечниот раст е 0,2 отсто. Првичните бројки покажаа пад од 0,3 отсто во еврозоната и 0,2 отсто во ЕУ.
На годишно ниво, во јули продажбата на мало во еврозоната падна за 1 отсто, а во ЕУ за 1,2 отсто. Во текот на оваа година, трговијата на мало паѓа на годишна основа и во еврозоната и во ЕУ. Гледајќи ги поединечните категории на малопродажба, во јули во еврозоната, на месечно ниво, продажбата на горива е намалена за 1,2 отсто, додека продажбата на храна, пијалаци и тутун е порасната за 0,4 отсто, а на непрехранбени производи за 0,5 отсто.
Народната банка ќе овозможи увид во надоместоците што ги наплаќаат банките
Народната банка на својата интернет-страница до крајот на овој месец ќе започне да објавува споредбени податоци за видот и висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежните сметки, по поединечен давател на платежни услуги (по банка).
„Овие активности на централната банка се преземаат за натамошно зајакнување на заштитата на граѓаните како потрошувачи на овие услуги и се овозможени со новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Со пристапот до овие податоци, граѓаните ќе можат да споредат и да проценат кои услуги и производи соодветствуваат најмногу на нивните потреби“, соопшти Народната банка.
Повисоките плати ќе ги поскапат крајните производи
Платите во Македонија не растат правопропорционално со продуктивноста. Во борбата да се задржат вработените, компаниите ги ставаат на тест и својата ликвидност и одржливост на работењето, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ претседателката на Организацијата на работодавци, Владанка Трајкоска. Таа посочува дека во вакви околности на долг рок, растот на платите ќе донесе и поскапи крајни производи.
Инаку, платите во регионот Адрија растат со најбрзо темпо во најмалку една деценија, покажа последната анализа на нашиот аналитички тим за движењата на пазарот на трудот. Меѓу факторите што влијаат на овој тренд се барањата на работниците за раст на платите поради инфлацијата, како и дефицитот од кадар што ја подобрува преговарачката позиција на работниците што останале во земјите. Но македонските плати и натаму се на дното во регионот.