Исланд се врти кон даноците за да го намали влијанието што го има експоненцијалниот раст на туризмот врз неговата недопрена природа, рече премиерката Катрин Јакобсдотир.
„Туризмот навистина порасна експоненцијално во Исланд во последната деценија и тоа очигледно не создава само ефекти врз климата“, рече Јакобсдотир во интервју со Шери Ан на телевизијата „Блумберг“ од Њујорк во средата.
„Исто така, повеќето наши гости ја посетуваат нашата недопрена природа и очигледно тоа создава притисок“, рече таа. Еден начин да се справиме со климатското влијание што го предизвикува зачестеното патување е да се зголемат даноците за оние што престојуваат во земјата, иако давачките нема да бидат високи, рече 47-годишната лидерка на северноатлантскиот остров.
Туризмот е една од најголемите индустрии во нордиската земја. Островот, кој себеси се нарекува земја на огнот и мразот, привлекува патници што одат да видат текови на лава, топли извори, гејзири и водопади. Исто така земјата има фреквентен воздушен сообраќај поради нејзината стратегиска локација во Северниот Атлантик помеѓу Европа и Северна Америка.
Индустријата, која генерира околу 6 отсто од бруто-домашниот производ на Исланд, има клучна улога во исполнувањето на неговата климатска заложба дека ќе биде јаглеродно неутрален до 2040 година.
„Многу компании што работат во туристичкиот сектор наоѓаат начини навистина да се префрлат на циркуларната економија“ и да преземат активности за намалување на употребата на фосилни горива, како на пример да почнат да користат електрични автомобили, рече премиерката. „Значи, таа промена се случува, но тоа е предизвик“.
Некои „навистина конкретни чекори“ се преземени како одговор на климатските промени откако владата ја презеде функцијата во 2017 година, рече Јакобсдотир. Исланд ја користи геотермалната топлина за греење и електрична енергија, ја субвенционира зелената транзиција, ја подобрува енергетската ефикасност и работи на заробување јаглерод.
Со сето кажано, „не правиме доволно“, рече таа. „Многу е јасно дека сите земји треба да ја забрзаат својата климатска акција“.