Европската Унија разгледува можност повторно да активира дел од итните енергетски мерки воведени по руската инвазија на Украина во 2022 година, во обид да го ублажи новиот ценовен шок предизвикан од војната во Иран.
Еврокомесарот за енергија Дан Јоргенсен изјави дека во моментов нема директна закана за снабдувањето со нафта и гас, но предупреди дека пазарите на рафинирани деривати, како дизел и авионско гориво, веќе се соочуваат со зголемен притисок, што резултира со зголемување на цените.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Политиките на Трамп ги рушат и македонските инвестициски фондови
Неизвесноста и хаосот што ги наметнува војната ги потресуваат и светските берзи, па откако почнаа американско-израелските напади врз Иран, практично сите клучни глобални индекси отидоа надолу.
На домашен терен ситуацијата не е имуна на тоа што се случува на околу 2.500 километри од Македонија. Така, од почетокот на годината МБИ10 е во минус од 1,45 отсто, што е пак подобро од индексите на Волстрит, ако е за некаква утеха.
Македонските отворени инвестициски фондови исто така во своите перформанси го рефлектираат она што се случува на светските пазари. Најголемиот дел од нив, како акциските фондови, парите на своите клиенти ги вложуваат во акции претежно на европски и американски корпорации, па ако од почетокот на годината, а особено последниов месец, странските пазари се во црвено, соодветни ќе бидат и резултатите на домашните фондови.
Што да очекуваме ако 30 прехранбени производи поскапеле и пред нафтениот шок?
На прстите од една рака можат да се избројат прехранбените производи што поевтиниле во Македонија во февруари споредено со јануари 2026 година. Намалување на просечните цени во овој период имало само кај компирот, слатката зелка, брокулата и бисквитите, а кај речиси сите други се бележи поскапување. Станува збор за поскапувања пред почетокот на војната во Иран (нападот од САД и Израел почна на 28 февруари годинава).
Извесно е дека македонските граѓани сега ќе мораат да ги приспособат семејните буџети за нови поскапувања, кои веројатно ќе следуваат по растот на цените на нафтените деривати во земјава, предизвикан од разгорувањето на војната во Иран односно прекинот на снабдувањето со нафта од Персискиот Залив низ Ормускиот Теснец, што доведе до зголемување на цените на нафтата на светските берзи. Имено, искуствата покажуваат дека вообичаено производителите и трговците брзаат да ги вметнат повисоките транспортни трошоци во крајните цени на производите односно ги префрлаат на купувачите. А, кога цените еднаш ќе се зголемат, потоа многу тешко се враќаат на пониско ниво.
„Спејс екс“ на Маск поднела тајна пријава за ИПО
„Спејс екс“ (SpaceX) поднела тајна пријава за иницијална јавна понуда (IPO/ИПО), според извори запознаени со ситуацијата, приближувајќи ја компанијата за ракети, сателити и вештачка интелигенција на милијардерот Илон Маск кон најголемата котација досега.
Компанијата го поднела својот нацрт за регистрација на ИПО до Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC/СЕК), посочиле извори кои побарале да останат анонимни бидејќи информацијата не е јавна. Ова ја поставува компанијата за котација во јуни, што би ја направило „Спејс екс“ првата од можни три мегапонуди, пред „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic PBC).
Извори запознаени со состојбата велат дека компанијата може да бара вреднување во ИПО од над 1,75 билиони долари. „Спејс екс“ ја презеде стартап компанијата за вештачка интелигенција „Екс еј-ај“ (xAI) на Маск во зделка што ја процени компанијата на 1,25 билиони долари.
ММФ проектира забавен раст на македонскиот БДП
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проектира дека реалниот раст на БДП ќе забави на 3,1 отсто во 2026 година, приближувајќи се кон проценетиот потенцијал од околу три отсто на среден рок. Инфлацијата се намалила од 4,8 отсто во јули 2025 година на 2,9 отсто во февруари 2026 година.
ММФ во својот редовен извештај од мисијата спроведена од 18 до 31 март годинава ги поздрави заложбите за фискална консолидација, со цел буџетскиот дефицит на државата да се намали на 3,5 отсто од БДП во 2026 година.
Според фондот, продолжувањето на консолидацијата на среден рок би овозможило дефицитот да се сведе на два отсто до 2030 година.
Фондот предупредува дека глобалните ценовни шокови на енергијата, предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток, може да ја забават економската активност и да ја задржат инфлацијата на повисоко ниво подолго време.
Синовите на Трамп им продаваат дронови на Емиратите
Компанијата за производство на дронови поддржана од најстарите синови на претседателот Доналд Трамп, „Пауерас“ (Powerus) се состана со официјални лица во Абу Даби за да разговара за продажба на оружје на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), додека таа земја се обидува да ги зајакне своите одбранбени системи против нападите од Иран, според извори запознаени со ситуацијата.
„Пауерас“, со седиште во Вест Палм Бич на Флорида, е една од неколкуте компании од областа на бесполотните летала кои во последниот месец нуделе напредни одбранбени системи во оваа нафтено богата заливска земја, изјавил еден соговорник.
Инвестициите на Трамп помладиот во одбранбена технологија привлекуваат внимание од противниците на претседателот во Конгресот. Во писмо до министерот за одбрана Пит Хегсет претходно годинава, демократската сенаторка Елизабет Ворен побара дополнителни информации за државни договори доделени на компанијата АМ (Unusual Machines) - производител на делови за дронови, кој претходно бил поддржан од Трамп Џуниор. Во дополнително барање минатата недела, Ворен побарала подетални информации за компанијата „Пауерас“, прашувајќи дали фирмата добила државни средства и дали „договорите се доделуваат фер - врз основа на национална безбедност и одбранбени потреби - или за финансиски интереси на семејството на претседателот“.