Соединетите Американски Држави викендов за влакно избегнаа целосна блокада на федерално ниво откако Конгресот усвои компромисен нацрт-закон со кој привремено се одобруваат финансии за работењето на институциите. Двете спротиставени партии покажаа дека покрај сите несогласувања функционирањето на државата мора да биде на прво место, што не секогаш е случај во Македонија.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Ретка можност за „брак“ меѓу македонски банки
Потребна ли е понатамошна консолидација во македонскиот банкарски сектор и какви ефекти би донело ново окрупнување на капиталот се прашања што заслужуваат внимание откако официјално беше најавено дека се разгледува можноста за присоединување на „Стопанска банка“ АД Битола кон „Комерцијална банка“ АД Скопје. Од Народната банка за „Блумберг Адрија“ велат дека поддржуваат окрупнување на банкарскиот систем и дека тоа го истакнале во повеќе наврати во минатото.
„Ова е особено значајно за помалите банки, во услови на континуирано јакнење на европската, но и домашната регулатива за банкарскиот систем. Ваквите промени секако се и во насока на подобрување на ефикасноста на работењето на банкарскиот систем. За потребата од натамошно окрупнување на банкарскиот систем и позитивните ефекти од истото укажуваат и дел од меѓународните финансиски институции“, велат од Народната банка.
ББА-анализа: Банките од регионот заработуваат лудо, тестот е следната година
Банките во регионот Адрија за шест месеци оваа година ја зголемиле нето-добивката за над две милијарди евра во однос на истиот период лани, покажува најновата анализа на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“. Двигател на овој раст е зголемувањето на нето-приходите од камати. Кај нив на годишно ниво има пораст што се движи од 32 отсто во Босна и Херцеговина до 104 отсто во Словенија.
„Добивката на банките годинава нагло расте, а тоа не е случај само во регионот Адрија туку во целиот свет. Нето-добивката на банките во регионот Адрија просечно се зголеми за 82 отсто на годишно ниво во првата половина на 2023 година, при што растот на ниво на земја се движи од 35 отсто во Македонија до 145 отсто во Словенија“, се наведува во анализата.
Прв пат во историјата: Надоместоците на македонските банки на дланка
За прв пат во историјата на нашата земја, граѓаните можат на брз и едноставен начин да направат споредба на надоместоците за платежните услуги кај банките преку веб-страницата на Народната банка на која од денес функционира алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги “.
„Зголемената транспарентност и споредливост на услугите се најзначајните придобивки и новини кои за граѓаните ги донесе Законот за платежни услуги и платни системи. Со обврската за примена на стандардизирани термини и опфат за најрепрезентативните, односно најчесто користените платежни услуги од страна на банките и нивно редовно доставување до Народната банка за објавување, ќе им се овозможи на граѓаните брзо и лесно да ги споредат понудите и надоместоците за услугите поврзани со платежните сметки“, соопшти Народна банка.
Намалени цените за дата податоци во роаминг со ЕУ
Почнува намалувањето на цените за дата податоци во роаминг на Македонија со земјите од ЕУ. Граѓаните и бизнисите во Македонијa, како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), ќе плаќаат во просек една третина помалку од цената која сега ја плаќаат за дата податоци преку роаминг, кога патуваат во европските земји.
Намалувањето на цените за дата податоци во роаминг, важат и за граѓаните од дијаспората и Европа, кога ќе претстојуваат во Македонија. „Намалувањето на цените за дата податоци во роаминг, е исполнување на Декларацијата за роаминг потпишана на Самитот ЕУ- Западен Балкан, што се одржа во декември минатата година, во Тирана“, соопшти Министерството.
Словенија ќе увезува работници од Македонија
Недостигот од работници ги принудува работодавците од Словенија да бараат работна сила надвор од нивната земја. Ако во минатото најмногу работници од земјите од регионот Адрија се носеа во градежништвото, сега сликата значително се менува. Има се поголем недостиг од работна сила во здравството и преработувачката индустрија. Затоа Заводот за вработување работници, кои речиси е невозможно да се најдат во Словенија, активно бара луѓе во земјите од поранешна Југославија.
Изминатава недела, во различни градови на Босна и Херцеговина (БиХ) се одржаа презентации на Словенија и словенечки работодавци, а околу 50 компании бараа нови работници. Заводот со учество на меѓународни саеми и независни презентации, кои се планираат наскоро и во Македонија, ќе се обиде да обезбеди работници и за реконструктивни работи по поплавите.