Германија зимава ќе активира неколку затворени фабрики за јаглен за да се осигури дека како најголемата европска економија ќе може да ги вклучи светлата дури и кога побарувачката е на максимум.
Во средата владата донесе наредба да се дозволи повторно активирање на единиците што припаѓаат на РВЕ (RWE AG) и ЛЕАГ (LEAG), соопшти владината прес-служба.
Минатогодишната енергетска криза ја принуди Германија повеќе да се потпира на согорувањето јаглен за производство на електрична енергија, откако Русија го прекина снабдувањето со гас во земјата. Постепеното исклучување на последните германски нуклеарни реактори се очекува уште повеќе да го ограничи снабдувањето со електрична енергија оваа зима, оставајќи ја Германија во потенцијално лоша ситуација без дополнителна поддршка.
Реактивирањето на електроцентралите на јаглен се очекува да ги зголеми емисиите на јаглерод диоксид додека земјата се бори да се приближи до своите климатски цели. Владата е во процес на изградба на дополнителна инфраструктура за течен природен гас (ЛНГ) за да го пополни недостигот од електрична енергија и планира да изгради нови гасни постројки, кои подоцна ќе можат да се пренасочат за водород.
Одлуката за оваа зима влијае на два блока од јаглен од фабриката „Нидераусем“ на РВЕ - блоковите Е и Ф - како и блокот Ц на централата „Нојрат“. На истокот од земјата, ЛЕАГ се очекува да ги врати блоковите E и Ф од својата фабрика за лигнит во Јаеншвалде. Објектите функционираа минатата зима, во јули беа ставени во готовност, а сега можат целосно да се активираат најдоцна до март 2024 година.
Одделно, сè уште се чека одлука за продолжување на работата на две единици за лигнит на РВЕ, Нојрат Д и Е, до пролетта 2025 година.