Најновиот напад врз Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас го обнови фокусот на светот кон војната во сенка што го обликува Блискиот Исток со децении. Случувањата во Израел секако се меѓу ударните вести што треба да ги знаете ова утро.
Сиот конфликт
Од многуте конфликти што го зафатија регионот, оној меѓу Израел и Иран - спонзор на Хамас, либанскиот Хезболах, како и ирачката и јеменската милиција - долго време беше меѓу најексплозивните.
Нивните битки честопати се водеа преку тие посредници, избегнувајќи ескалација во директна војна во поширокиот регион, кој е извозник на нафта. Не е јасно каква улога имаше Иран во последниот упад на Хамас, но бидејќи војната во сенка влегува во смртоносна нова фаза, издвојуваме еден краток преглед на тоа како ситуацијата стигна дотука.
Германското индустриско производство паѓа веќе четврти месец
Германското индустриско производство падна четврти месец по ред во август, бидејќи забавувањето на фабричките нарачки влијаеше врз најголемата европска економија. Производството падна за 0,2 отсто во споредба со јули, предводено од градежништвото и енергетиката, објави во понеделникот Заводот за статистика на земјата.
Економистите во истражувањето на „Блумберг“ процениле пад од 0,1 отсто. Индексот на производството го забележа најниското ниво годинава. Бруто-домашниот производ веројатно се намали за 0,1 отсто во третиот квартал, а вкупно би можел да се намали дури за 0,6 отсто во 2023 година.
ЕУ оди кон техничка рецесија, Македонија е најизложена
Европа полека но сигурно се лизга во (засега техничка) рецесија, додека регионот Адрија ќе ја задржи главата „над вода“, пишува Иван Одрчиќ, аналитичар во „Блумберг Адрија“.
Иако на прв поглед се чинеше дека земјите од ЕУ27, односно од еврозоната избегнаа пад на економската активност, кога ќе ја погледнеме структурата на растот на БДП, елиминирањето на растот на резервите ја менува сликата за некои земји. Ако се фокусираме на најрелевантните земји за регионот Адрија во однос на трговијата, поточно извозот, Германија и Италија се во незавидна состојба.
Македонска инфлација
Во септември во споредба со август годинава поевтиниле само зеленчукот, овошјето и маслото за јадење. Во однос на лани, кога земјава се ближеше кон највисоката точка на инфлацијата, сите цени се зголемиле, освен на маслото за јадење.
На годишно ниво, септемвриското мерење покажа раст на трошоците на живот од 6,6 отсто. На месечно ниво, според Државниот завод за статистика, забележано е незначително намалување од 0,1 отсто. Во однос на лани, најголем раст бележи цената на зеленчукот од близу 20 отсто. Двоцифрен раст на цените има и кај месото, овошјето, кафето и безалкохолните пијалаци.
Задолжителна котација уште три години
Уште за три години се продолжува периодот во кој на официјалниот пазар на Македонската берза ќе има и задолжителна котација. Таму котираат компаниите што за тоа имаат законска обврска, а сега Владата предлага измени на Законот за хартии од вредност според кои задолжителната котација, наместо до април следната година, ќе трае до 30 април 2027 година.
Ова не е првпат обврската да се пролонгира. Во 2021 година Собранието го изгласа предлогот со кој наместо до 2022 година задолжителната котација беше продолжена до 2024 година. Воведена е пред десет години, односно профункционира од 2013 година за да се зголеми транспарентноста на пазарот.