Со мерки пиши-бриши, Владата изгледа решила да ја збуни инфлацијата. И види чудо, резултати има. Статистика објави дека трошоците на живот во септември биле за 6,6 отсто поголеми од лани, што е намалување од претходните 8,3 отсто.
Сепак, деталната анализа на соопштението од статистика покажува дека намалувањето на инфлацијата не се должи на цените на храната што Владата прво ги замрзнува, а потоа им го покачува ДДВ. Храната си поскапува во континуитет. Минатиот месец поскапеле и горивата.
По ненадејниот напад на Хамас врз цели во Израел во саботата наутро, и нафтата поскапе во понеделникот. Цената порасна дури за пет отсто, но потоа во текот на неделата поевтине и се стабилизира.
Ваквите флуктуации на цените ги зголемуваат инфлациските очекувања, покажува последната анкета меѓу потрошувачите во еврозоната. Засега, ЕЦБ најавува пауза во затегнувањето на монетраните политики за намалување на инфлацијата, но од Фед велат дека уште е рано и дека целта од два отсто е далеку.
Мерките на монетарните власти водат кон забавување на економската активност. Проблемите на Германија се прошируваат на еврозоната. Нашиот аналитичар Иван Одрчиќ во својата анализа вели дека на Европа ѝ претстои техничка рецесија, земјите од регионот ќе ја држат „главата над водата“, а Македонија е најизложена на ризиците.
Оттука, по ЕБРД и Светската банка, и рејтинг-агенцијата „Фич“ смета дека растот до крајот на 2023 година ќе стигне до скромни 1,9 отсто. Агенцијата го потврди рејтингот на земјата, но изрази загриженост за дефицитот в година поради високите трошоци од работата на „Бехтел и Енка“. Нашите аналитичари, пак, понудија формула за подобрување на македонскиот рејтинг, дел од формулата е токму тоа – намалување на дефицитот, но и јавниот долг и корупцијата.
Уште еднаш се пролонгира обврската за задолжителна котација за компаниите од официјалниот пазар на Македонската берза. Овој пат за три години. Воведена е пред десет години за да се зголеми транспарентноста на пазарот. Компаниите што котираат во задолжителна котација имаат обврска редовно да објавуваат финансиски извештаи.
Проблем со транспарентноста немаат големите француски фирми, кои објавија колку донирале за обновување на изгорената Богородична црква во Париз. По големиот пожар од 2019 година, таа ќе биде подготвена да ги прими посетителите во декември идната година.