Зголемените каматни стапки позначително ќе ја намалат цената на недвижностите во 2024 година, до крајот на оваа година намалувањето ќе биде речиси незабележително. Фокусот на градежниот сектор следната година ќе бидат патиштата наместо изградба на станови.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
ББА-анализа: Градежништвото в година ќе се фокусира на нискоградбата
Градежниот сектор во регионот Адрија ќе се соочува со недостиг од работна сила и со притисок за раст на платите. Тоа особено важи за нискоградбата, затоа што во сите земји се најавени нови капитални проекти, кои ќе бараат повеќе работници. Дел од потребата за работници ќе се компензира со преземање од високоградба, затоа што се намалува потребата за изградба на станови, а дел преку увоз на работна сила.
Градежната индустрија во следната година повеќе ќе се потпира на нискоградбата, затоа што тие објекти се помалку погодени од нестабилноста на каматните стапки бидејќи проектите главно се владини или се финансирани од фондовите на Европската Унија.
„Експо 2027“: Шанса за целиот регион
Специјализираниот саем „Белград Експо 2027“ (Belgrade EXPO 2027), со тема „Игра(ј) за човештвото - спорт и музика за сите“, во Белград, од 15 мај до 15 август 2027 година, ќе биде прв од ваков вид во Југоисточна Европа, по саемот во бугарски Пловдив пред повеќе од 30 години.
Според процените, за „Експо 2027“ во Србија треба да дојдат 2,6 милиони туристи, а вкупниот број посетители на „Експо 2027“ треба да достигне четири милиони. Србија лани забележала 3,9 милиони пристигнувања на туристи, но тука се вклучени и домашните туристи, додека во контекст на „Експо“ најчесто се зборува за доаѓање на странци.
Новото мегапристаниште во Индија ќе ги привлече најголемите бродови во светот
Сместено во близината на најјужниот крај на земјата, контејнерското пристаниште за претовар Вижињам, прво од ваков вид во Индија, кое ќе биде инаугурирано на 15 октомври, ќе ѝ овозможи на Индија да зграпчи поголем дел од меѓународната поморска трговија во која моментално доминира Кина. Исто така таа ќе ги зајакне своите аспирации да биде алтернативен производствен центар со намалување на логистичките трошоци за товарот што доаѓа до и од земјата.
Близината до меѓународните бродски маршрути, кои сочинуваат 30 отсто од глобалниот товарен сообраќај, и природниот канал што оди до 24 метри под морето го прават Вижињам идеален центар за пристигнување на некои од најголемите бродови во светот.
На добар пат сме да ги разбудиме зомби-вирусите од нивниот сон
Кампувањето две недели на калливите брегови на реката Ксалима во Русија, преполни со комарци, можеби не звучи како најгламурозно службено патување. Сепак, ова е жртва што вирологот Жан-Мишел Клавери беше подготвен да ја направи за да ја открие вистината за зомби-вирусите, уште еден ризик за јавното здравје од климатските промени.
Во 2014 година, Клавери беше првиот што покажа дека „живите“ вируси можат да се извлечат од сибирскиот вечен мраз и успешно да се оживеат. Во 2019 година неговиот тим продолжи да изолира 13 нови вируси, вклучувајќи и еден замрзнат под езеро пред повеќе од 48.500 години, од седум различни примероци на древниот сибирски вечен мраз, што е доказ за нивната сеприсутност.
Конференцијата „Иднината на луксузот“ на „Блумберг Адрија“ ги откри трендовите во новата ера на луксузот
Првата регионална конференција за индустријата на луксузот ги собра на едно место водечките експерти од светот и регионот, кои ја запознаа публиката со новите трендови во индустријата и ги искажаа своите очекувања каде се движи таа.
Бројот на потрошувачи во регионот Адрија расте, брендовите ќе мора да се приспособат на новите барања на клиентите, кои покрај производите ќе бараат да проживеат и искуство, размислувајќи при купувањето за етичките и еколошките карактеристики, заклучија панелистите на конференцијата „Иднината на луксузот“ (The Future of Luxury) организирана од „Блумберг Адрија“.