Ескалираат нападите на администрацијата на Доналд Трамп врз Федереланите резреви. Претседателот на Фед, Џером Пауел, изјави дека на американската централна банка ѝ биле доставени судски покани од Министерството за правда со закана за кривични обвиненија. „Заканата од кривични обвиненија е последица на тоа што Федералните резерви ги одредуваат каматните стапки врз основа на нашата најдобра проценка за тоа што ќе и служи на јавноста, наместо да ги следат преференциите на претседателот“, рече Пауел.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Ќе експлодираат цените на компјутерите, телефоните: Уредите веќе поскапуваат
Ќе растат цените на сите електронски уреди - од компјутери, паметни телефони, па се до домашните апарати и автономните автомобили. Ценовниот шок во текот на 2026 година ќе го диктира недостигот на РАМ меморија (од англиски: random acces memory) и неможноста на производителите да одговорат на побарувачката.
Проблемот станува се поалармантен затоа што производителите на чипови „Енвидија“ (Nvidia), „Адвенсд мајкро дивајсес“ (Advanced Micro Devices), „Гугл“ (Google) откупуваат огромни количини меморија (HBM и DRAM), а трите најголеми производители -„Мајкрон“ (Micron), „СК Хиникс“ (SK Hynix) и „Самсунг“ (Samsung Electronics) - кои го држат целиот пазар, не можат да испорачаат доволно.
Осамостојувањето е луксуз, младите живеат со родителите и во четвртата деценија
Домувањето е сѐ поголем проблем и во Европската Унија. Според најновиот извештај на „Еврофонд“, проблемот особено ги погодува младите луѓе затоа што тие имаат пониски и понестабилни приходи.
Според извештајот, во последните години предизвик не е само купувањето дом туку и изнајмувањето. Продажните цени во земјите од Унијата од 2010 година досега се зголемени за 55,4 отсто, а кириите за 26,7 отсто.
ЕУ со голем план против скапите станови – што прави Македонија?
Соочена со сѐ поголемиот проблем на своите граѓани, особено од помладата генерација, да дојдат до сопствен покрив над глава, Европската комисија (ЕК) пред крајот на 2025 година објави стратегиски документ што има цел да ги адресира структурните проблеми со домувањето и градежниот сектор во Европската Унија (ЕУ).
Првата досега објавена стратегија против скапото домување е наречена „План за достапно домување“ (Affordable Housing Plan) и претставува поширок пакет на легислатива со цел да ослободи јавни пари за изградба на нови домови, а истовремено да се ограничи краткорочното најмување станбен простор, како и да се намалат административните процедури за градежните проекти.
Зимските олимписки игри како инвестиција: Може ли организацијата да се исплати?
Зимските олимписки игри се тест за јавните трошоци каков што спортот ретко гледа, а оној во Милано и Кортина д'Ампецо треба да се одржи за еден месец. Истражувачката линија на Оксфорд за олимписките трошоци вели дека тие се „единствениот тип на проект што никогаш не е реализиран во рамките на буџетот“, формулација што најдобро објаснува зошто Зимските игри сè повеќе се политички проект, а сè помалку економски. Летните игри исто така, само во поголем обем.
Проблемот е што „инвестираното“ и „добиеното“ речиси никогаш не живеат во истата ексел-табела. Постојат најмалку две сметки. Првата е оперативниот буџет на организацискиот комитет, кој се полни од ТВ-права, спонзорства, влезници и придонеси од Меѓународниот олимписки комитет.
Златото и среброто уриваат рекорди поради судирот со ФЕД и тензиите во Иран
Златото и среброто се искачија на рекордни нивоа откако Министерството за правда на САД се закани со кривично гонење против Фед, повторно отворајќи прашања за независноста на институцијата, додека протестите во Иран ја зголемија побарувачката за сигурни инвестиции.
Жолтиот метал скокна кон 4.600 долари за унца, додека среброто се доближи до 85 долари, откако претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, изјави дека евентуалното обвинение „треба да се гледа во поширок контекст на заканите и континуираниот притисок од администрацијата“ за влијание врз одлуките за каматните стапки.