И покрај растот на цените, производителите на храна и на пијалаци и во светот и во регионот бележат раст. „Кока Кола“ вчера објави дека годинава очекува органски раст на приходите од 10 до 11 отсто. Хрватски „Атлантик“, пак, во деветмесечниот извештај објави дека „во сè уште нестабилно и предизвикувачко опкружување, постигна силен раст на продажбата во сите сегменти и на сите важни пазари. Растот е особено забележлив во областите ’слатко-солено’“.
Добро утро, ова се петте важни вести што треба да ги знаете за почеток на овој ден.
Малите на удар: Тонат во загуби, молат за кредити и отпуштаат
Најмалите фирми во Македонија или таканаречените микросубјекти најмногу ги почувствуваа негативните ефекти од енергетската криза во минатата година и многу од нив денес се на работ на опстојување.
Податоците на Народната банка објавени во новиот извештај за финансиската стабилност покажуваат дека со предизвици се соочува целокупниот корпоративен сектор, со оглед на тоа што има драстично намалување на бројот на вработените и покрај тоа што големата слика покажува зголемување на приходите и профитабилно работење. Имено, бројот на вработени во корпоративниот сектор лани се намалил за 14,3 проценти на годишна основа, по минималниот раст од 0,9 проценти во претходната година.
Тетово, Виница и Желино ќе се раздолжуваат преку структурни обврзници
Општините Тетово, Виница и Желино се трите локални самоуправи што по свое барање, а со поддршка од централната власт, ќе ги намируваат достасаните обврски и со тоа ќе ги зајакнат своите финансиски капацитети.
Вчера министерот за финансии Фатмир Бесими и градоначалниците Билал Касами, Миле Петков и Блерим Сејдиу ги потпишаа договорите за користење на структурните обврзници издадени од Министерството за финансии за овие три општини.
Еврозоната можеби влегува во рецесија, додека Германија е веќе во рецесија
Приватниот сектор во еврозоната го започна последниот квартал од 2023 година со уште еден лош показател, што сугерира дека економијата на регионот може да биде во рецесија.
Глобалниот индекс за управување со снабдувањето S&P забави во октомври, достигнувајќи тригодишен минимум од 46,5, далеку под прагот од 50 што го дели проширувањето од контракцијата. Економистите очекуваа мало подобрување, на 47,4.
Луксузните возила стануваат сè поголем луксуз
Со измените на уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила ќе се зголемат даноците за луксузните и многу старите возила. Новата методологија се заснова на мерење на емисијата на издувни гасови во реална околина, а според увозниците на возила, тоа ќе ги направи луксузните автомобили понедостапни за нашиот пазар.
„Нашите пресметки покажуваат дека ограничувањата до 150 грама на CO2 остануваат исти, со сè што оди нагоре систематски се покачува цената. Односно, на веќе големите увозни давачки при увозот на возила имаме и нови ставки. Луксузните возила ќе бидат поскапи, но и старите возила што испуштаат повеќе CO2, како возилата од 2006, 2007, 2008 година, ќе бидат недостапни за нашиот пазар“, велат увозниците.
Макрон: Легитимна палестинска држава би била од корист за Израел
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на враќање на мировните преговори на Блискиот Исток и рече дека палестинската државност ќе има корист и за безбедноста на Израел.
„Израел не може да има трајна безбедност без одлучувачко заживување на политичкиот процес со Палестинците“, изјави Макрон за новинарите заедно со премиерот Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим.