Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во Скопје, пред почетокот на неформалниот состанок на лидери на НАТО-сојузници од регионот, го поздрави договорот меѓу Израел и Хамас за ослободување заложници.
„Го поздравувам договорот меѓу Хамас и Израел, кој треба да доведе до ослободување на заложниците и да овозможи доставување на хуманитарната помош“, рече Столтенберг.
Столтенберг е во официјална посета на Македонија.
Денеска беше објавено дека израелскиот кабинет синоќа го одобрил договорот за заложници со Хамас, по повеќе од шест недели интензивни борби во Газа.
Владата го одобри нацртот на првата фаза од постигнувањето на оваа цел, според која најмалку 50 заложници, жени и деца, ќе бидат ослободени во текот на четири дена, при што ќе има пауза во борбите.
„Ослободувањето на секои дополнителни 10 заложници ќе резултира со по уште еден ден пауза“, се наведува во изјавата.
По објавувањето на соопштението, следуваше реакција од американскиот претседател Џозеф Бајден, кој го поздрави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за кого нагласи дека како дел од одговорот обезбедил поголема хуманитарна помош да стигне до Газа.