Бонусите и повисоките плати главни теми на разговор меѓу вработените во предновогодишниот период. Секоја компанија со своја одлука како и дали ќе ги награди вработените.
Добро утро, подолу се петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Шефе, ќе добиеме ли бонус годинава?
Ова е веројатно најчестото прашање на крајот на годината или на интервју за работа. Едни работодавци ги наградуваат вработените со божиќни бонуси, други со 13-та плата, а трети со разни награди. Висината на бонусот е многу зависна од даноците. Проверивме кои земји во регионот се најдарежливи.
Во Македонија божиќниот бонус не се исплаќа. Овде, како и во Србија, Божиќ се слави на 7 јануари, па нема смисла бонусите да се нарекуваат така. Наместо божиќен бонус, фирмите исплаќаат 13-та плата, а нејзината исплата е регулирана со Законот за работни односи, но на таа исплата се плаќаат придонеси. Висината на наградата ја одредува секоја компанија самостојно, а на неа е пропишана даночна стапка од 10 проценти, која компаниите се должни да ја платат.
Можен инфлаторен бумеранг од поголемите плати во администрацијата
Во изминативе години има континуирано зголемување на платите во администрацијата, а најдобар показател за тоа е фактот дека следната година администрацијата ќе нè чини 210 милиони евра повеќе отколку што нè чинела во 2019 година.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во една од своите колумни објасни дека со 669 милиони евра предвидени за плати и надоместоци во буџетот за следната година ќе се овозможи целосно спроведување на одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор.
Од Македонија ќе зависи дали ќе стане дел од европскиот пазар на струја
Македонија и другите потписнички на договорот за формирање за Енергетската заедница ќе мораат целосно да ја имплементираат ЕУ-регулативата во енергетскиот сектор доколку сакаат да станат дел од европскиот пазар на струја.
Новините од националното европско законодавство поврзани со енергетскиот сектор, буџетот на Енергетската заедница за 2024/2025 година, до каде е спроведувањето на договорот, изработката на патоказ за декарбонизација беа дел од темите што се разгледуваа на состанокот.
Мишел: ЕУ реши да започне пристапни преговори со Украина и со Молдавија
Лидерите на земјите членки на ЕУ донесоа одлука за старт на преговори за членство со Украина и со Молдавија, објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Според него, Советот на ЕУ решил и да ѝ додели статус на земја кандидат за членство на Грузија, додека во однос на БиХ останува условната препорака за почеток на преговорите.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан се спротивстави на отворањето на преговорите со Украина и не беше во просторијата кога се гласаше. За одлуката е потребна едногласна поддршка, а никој не се спротивстави на гласањето, велат изворите, кои навеле дека Орбан си заминал. Одлуката за Украина засега е симболична, бидејќи формалната преговарачка рамка нема да биде претставена пред март, кога од Украина се бара да исполни одредени дополнителни услови.
Франција објави список на електрични возила што ќе се субвенционираат
Франција го претстави списокот на електрични возила што ги исполнуваат условите за субвенции до 7.000 евра по автомобил, што делумно зависи од нивното влијание врз животната средина и ефективно ги исклучува возилата произведени во Кина.
Франција ќе понуди варијабилен попуст врз основа на приходот на домаќинството за автомобили што чинат помалку од 47.000 евра. Мерката е обид да се поттикне локалното производство на возила со нулта емисија и нивни компоненти, а доаѓа по истрагата на Европската Унија за наводно неправедни субвенции за брзорастечката кинеска индустрија за електрични возила.