Намалување на договорите со странските партнери и намалување на бројот на вработени бележи македонската текстилна индустрија. Главна причина за намалување на склучените договори со странските партнери е економската криза во нивните земји, особено во Германија, којашто е еден од најголемите трговски партнери на државава. Очигледно е дека рецесивните текови во Германија веќе се чувствуваат и во земјава и затоа е многу важно до кога ќе трае кризата кај економскиот мотор на Европа.
Добро утро, подолу вестите што ги издвоивме за почеток на денот.
Европската локомотива на слеп колосек, Македонија во вагон за чекање
Паѓаат нарачките, паѓа потрошувачката, паѓа расположението. Расте само невработеноста. Германија, според тамошната централна банка, Бундесбанката, е во рецесија. Дополнително, Бундесбанк прогнозира дека по овогодишниот пад, економијата во земјата едвај ќе расте и в година.
Она што ја влече надолу најголемата економија во Европа е индустријата. Трошоците на потрошувачите се ограничени, скапите задолжувања ги забавуваат инвестициите. Поради овие фактори, прогнозата за индустриското производство за оваа 2023 година е пад од 0,1 отсто.
Анализираме какви се шансите за рецесија во 2024 година
Во 2024 година сè поверојатно е да се оствари сценариото за „меко приземјување“ на инфлацијата во САД и поголемиот дел држави во Европа, што значи помала веројатност за глобална рецесија, смета Румен Крепиев, инвестициски експерт од „КБ Прво пензиско друштво“.
Според него, во прилог на очекувањата за избегнување на глобалната рецесија оди и фактот што 2024-та ќе биде година со најголем број избори досега, меѓу кои и претседателските избори во САД, а вообичаено изборните години се прoследени со повисоки фискални трошоци.
Владата пред Нова година ќе се задолжи за 178 милиони евра
Министерството за финансии на три аукции на државни хартии од вредност закажани за неделава планира да се задолжи 11 милијарди денари (178,8 милиони евра). На аукција закажана за вторник (26.12.2023) ќе бидат понудени едногодишни државни записи во износ од 700 милиони денари (11,3 милиони евра) со каматна стапка од 4,25 проценти.
На аукција закажана за четврток (28.12.2023) ќе бидат понудени тригодишни државни обврзници во износ од 6,3 милијарди денари (102,4 милиони евра) со купонска каматна стапка од 4,65 проценти. Истиот ден е закажана уште една аукција на двегодишни државни обврзници во износ од четири милијарди денари (65 милиони евра) со купонска каматна стапка од 4,55 проценти.
Што доведе до двоцифрен раст на продажбата на електрична опрема во регионот?
Во светот на производството на електрична опрема, компаниите од регионот интересно го средија производствениот микс за да не се натпреваруваат меѓу себе, иако работат во иста гранка. Нивните вистински, директни конкуренти се одалечени на само неколку часа со авион.
Поради просечниот раст на продажбата од повеќе од 20 проценти и двоцифрениот принос на вложениот капитал во последниве години, нивниот бизнис изгледа лесен, но на глобално ниво конкуренцијата е жестока, а бариерите за влез на пазарот се високи. Затоа производителите обично се фокусираат на една категорија производи и инвестираат многу во технолошките иновации.
Вучиќ: Брнабиќ најверојатно нема да биде премиерка
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ја одржа првата прес-конференција по изборите на кои го позајми своето име на пратеничката листа, а по се изгледа дека Ана Брнабиќ, рекордерката по бројот на години поминати на чело на Владата, повеќе нема да го води главниот орган на извршната власт.
„Ана прерасна во голем борец. Јас сум горд на неа. Тешко дека повторно ќе биде премиерка. Тоа и го кажав пред изборите, но таа го даде срцето и се бореше во текот на целата кампања. Резултатите остануваат зад неа“, изјави Вучиќ. Тој додаде дека Брнабиќ најверојатно ќе врши некоја важна функција, но не прецизираше за која функција би можело да станува збор.