Растечките цени во регионот не го прескокнаа сегментот на пијалаци, посочија од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во регионалната анализа на индустријата на безалкохолни пијалаци. Силната побарувачка на потрошувачите во регионот Адрија го поддржа нагорниот раст на цените, дозволувајќи им на производителите да ги копираат зголемените трошоци на нивните продажни цени.
Иако минатата година инфлацијата почна да спласнува, тоа не значи дека централните банки ќе брзаат да ги намалат референтните каматни стапки во 2024 година. Геополитиката и понатаму ќе биде еден од најголемите ризик-фактори во однос на движењата на берзите и на економските текови, а главни двигатели на пазарот се очекува и понатаму да бидат технолошките компании и енергетската транзиција.
Кога е во прашање борбата против инфлацијата и натамошното движење на референтните камати, изгледа дека и фукционерите на Европската централна банка имаат различни ставови. Претседателката Кристин Лагард соопшти дека Европската централна банка најверојатно ќе ги намали каматните стапки во текот на летото, но истовремено членот на Управниот совет Роберт Холцман излезе со став дека заканите од долготрајната инфлација ќе ја спречат централната банка да ги намали каматните стапки оваа година – дури и ако веќе не може да се исклучи рецесијата.
Изминатава недела се покажа дека геополитичките тензии влијаат и врз македонската економија. Кризата со бродскиот транспорт во Црвено Море веќе почнаа да ја чувствуваат и македонските компании. Нарачките доцнат, трошоците се зголемуваат. Избегнувајќи го теснецот Баб ел-Мандеб на влезот на Црвено Море поради напади од Хутите, бродовите на транспортните компании се насочија кон алтернативни маршрути. Тоа може да влијае и врз трговските односи меѓу земјава и Кина, која е еден од петте најголеми трговски партнери на Македонија.
Направиме преглед на технологиите за кои се очекува да ја обележат 2024 година и заклучивме дека постои потенцијал низа технолошки иновации што моментално се во различни фази на развој да се дополнат една со друга и да создадат дигитална, материјална и социјална реалност каква што не сме виделе. Меѓу нив, се разбира предводи вештачката интелигенција. Според ММФ, вештачката интелигенција ќе влијае на речиси 40 проценти од глобалните работни места, при што напредните економии се соочуваат со поголема изложеност од пазарите во развој и земјите со ниски приходи.
Заостанувањето на земји како Македонија во искористувањето на вештачката интелигенција е донекаде логично ако се земе предвид дека во земјава се уште е предизвик редовната исплата на прекувремената работа на работниците, пред се во текстилната индустрија и градежната индустрија.
Од друга страна, земјите од Западен Балкан може да бидат горди бидејќи се подобри од државите од еврозоната кога станува збор за родовата еднаквост кај лидерските позиции во монетарната власт. По неодамнешните назначувања на Јасмина Селимовиќ за гувернерка на централната банка на Босна и Херцеговина и на Ирена Радовановиќ за гувернерка на централната банка на Црна Гора, овие две земји им се придружија на Македонија и на Србија, каде што на гувернерските позиции се исто така жени (Анита Ангеловска-Бежоска и Јоргованка Табаковиќ). Истворемено, иако на чело на Европската централна банка е Кристин Лагард, монетарната власт во сите земји-членки на еврозоната ја водат мажи.