Двојните избори кои ќе се спроведат во април и мај ќе не чинат речиси 17 милиони евра. Над шест милиони евра ќе одат за организирање на изборите, со обезбедување на доверлив и недоверлив материјал, транспорт и паричен надоместок за избирачките органи додека за платено политичко рекламирање за двојните избори се предвидени околу 10.614.000 евра. Денес оставки треба да си поднесат премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери, што е прв чекор кон формирање на таканаречената техничка Влада.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
ББА-анализа: Денешниот состанок на ЕЦБ нема да донесе изненадувања
На овонеделната седница не очекуваме изненадувања, туку очекуваме ЕЦБ да ја остави каматната стапка на сегашните нивоа. Инфлациските очекувања се закотвени и не се очекуваат поголеми изненадувања во наредните месеци. Иако има повеќе геополитички спорови, како оние во Црвено Море, кои можат да влијаат на враќањето на растот на инфлацијата, верувам дека влијанието врз инфлацијата во еврозоната е ограничено, имајќи предвид дека, освен поскапувањето на контејнерскиот транспорт, немаше зголемување на инфлаторните очекувања.
Ова е поткрепено со падот на цените на производителите во изминатите пет месеци, чиишто пониски цени се прелеваат во крајните цени. Што се однесува на состојбата на економијата на еврозоната, таа и понатаму страда според показателите за производство и услуги, но со силни показатели на пазарот на трудот, кој моментално дава отпор.
Билансите на банките исчистени, лошите кредити стојат за наплата
Затегнатата монетарна политика е главната одлика на минатата година. Освен што се зголемија трошоците, беше ограничена и понудата за кредитирање, а потребата за пари и кај домаќинствата и кај фирмите стана поголема поради високата инфлација – односно поради зголемените цени. Кредитирањето во земјава лани забави, растот на годишно ниво изнесува 5,1 отсто, што е драстичен пад во однос на растот од над девет отсто на крајот на 2022 година.
Сепак, последниот извештај на Народната банка за третиот квартал од лани што се однесува на ризиците во банкарскиот сектор не евидентира раст на нефункционалните кредити. Стапката на овие кредити кај корпоративниот сектор се спушти на 3,8 проценти, а кај домаќинствата на 1,8 отсто, се наведува во извештајот.
Зголемувањето на данокот на викендици ја разбранува Хрватска
Додека хрватската Влада се двоуми околу воведувањето даноци на недвижности, единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) не ја пропуштија можноста да ги дополнат своите буџети, па повеќе од 40 проценти од општините и градовите ги зголемија даночните стапки за викендичките почнувајќи од 2024 година.
Уште на почетокот треба да се запамети дека државата со даночните измени кои стапија на сила на почетокот на оваа година планираше да го олесни оданочувањето на трудот, а да го зголеми оданочувањето на имотот. Во овој дух, беше променет е опсегот на оданочување на викендичките кој изнесуваше од 0,66 до 1,99 евра за квадратен метар корисна површина. Новата долна граница сега е 0,60 евра, но горната граница е значително зголемена на пет евра.
Осигурувањето на електрични возила поскапува побрзо отколку кај традиционалните модели
Британските возачи мораат да издвојат двојно повеќе за да ги осигурат електричните возила отколку моделите со мотори со согорување, што претставува дополнителна пречка за префрлање кон автомобили со нулта емисија. Просечната премија за осигурување за електрични возила скокна на 1.344 фунти (1.700 долари) на крајот на минатата година, што е приближно двојно повеќе од трошоците за покривање на традиционалните автомобили, покажуваат податоците на британскиот осигурителен брокер „Хауден“.
Групата наведе повисоки трошоци за поправка, повеќе време поминато во работилници и недостиг на механичари обучени да ги поправаат батериите на електричните возила. Зголемените трошоци за осигурување на електричните возила – кои се веќе поскапи од споредливите модели на гориво – се лоша вест за индустријата која покажува знаци на забавување.
И „Тикток“ зафатен од бранот на откази во технолошкиот сектор
„Тикток“ (TikTok) на „Бајт денс“ (ByteDance) се приклучи кон низата отпуштања во технолошките компании со кратење приближно 60 работни места, главно во одделите за продажба и за рекламирање.Погодените работни места се во канцелариите во Лос Анџелес, Њујорк, Остин и во странство, изјави портпаролот на компанијата.
Бројката претставува помалку од еден процент од околу 7.000 вработени во компанијата во САД заклучно со март и е едно од помалите кратења што неодамна ги спроведоа големите технолошки компании. „Алфабет“ (Alphabet Inc.) отпушта десетици вработени во својот оддел „Екс муншот“ (X moonshot), набрзо откако неодамна елиминира стотици работни места во тимови, вклучувајќи ги и хардверот и Гугл асистент (Google Assistant).