Жена oд САД што беше земена како заложничка од Хамас во Газа и роднините на двајца мажи убиени по нападот на терористичката група на 7 октомври го тужат криптогигантот „Бајненс“ (Binance) за наводна поткрепа на насилството.
Тужбата е насочена кон „Бајненс“ затоа што берзата му дозволила на Хамас да тргува на нејзината платформа. Обвинението следува по регулаторната и кривичната истрага за најголемата берза за криптовалути во светот, за која се објави минатата година. Од „Бајненс“ се изјаснија како виновни за прекршување на санкциите и законите за спречување на перењето пари што им овозможило на групи како Хамас да ги заобиколат американските банкарски регулативи.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Светскиот тренд на откази ќе го заобиколи македонскиот ИТ-сектор годинава
ИТ-индустријата несомнено е најбрзорастечката индустрија во последните неколку години. Атрактивните плати и флексибилното работно време се клучните фактори младите да ја одберат таа професија. Но, со појавата на вештачката интелигенција и напливот на квалификувани ИТ-инженери, во блиска иднина може да се случи ИТ-секторот да се засити од вработени.
Анализиравме за македонскиот пазар, за кој познавачите велат дека засега плови во мирно море. Трендот на откази, немало да се случи во блиска иднина, а во моментов уште има недостиг од квалификувани ИТ-инженери. Според последните анализи, на компаниите им недостигаат околу 600 вработени во секторот. Сепак, се тврди дека светските случувања секако нема да ја заобиколат Македонија во следните години...
Инфлацијата во еврозоната забави, но помалку од очекуваното
Инфлацијата во еврозоната се намали помалку од очекуваното на почетокот на годината - тестирајќи ги очекувањата на инвеститорите дека Европската централна банка (EЦБ) ќе започне со намалување на каматните стапки веќе напролет.
По растот во декември, поттикнат од базичните ефекти, потрошувачките цени во јануари се зголемија за 2,8 отсто од годината претходно, објави во четвртокот „Евростат“. Тоа е над просечната процена од 2,7 отсто во анкетата на „Блумберг“ спроведена меѓу економистите. Базичната инфлација, која ги изостава нестабилните ставки како што се храната и енергијата, исто така се намали помалку од предвиденото, на 3,3 отсто.
По невидениот налет на зголемувања на стапките помеѓу јули 2022 и септември 2023 година, ЕЦБ ја отвори вратата за олабавување на монетарната политика годинава. Официјалните лица, сепак, се претпазливи да дадат јасни временски рамки пред да бидат сигурни дека растот на цените е цврсто на пат да се врати до целта од два отсто.
Запознајте го првото виски со македонска етикета
Вискито отсекогаш било симбол за престиж и префинет вкус, „вода за виталност“ на познатитe, омилен алкохол на хедонистите. Овој жесток пијалак, еден од најбараните во светот, конечно ќе добие и македонска етикета.
Првото македонско виски станува реалност, а ограничени количества „сингл малт“ (Single malt) и бурбон (Bourbon) ќе бидат достапни до крајот на годината.
„Станува збор за дестилиран алкохолен пијалак направен од ферментирана зрнеста каша или со дестилирање пиво, па идејата за првото македонско виски датира уште од 2009 година, кога почнавме да произведуваме пиво“, вели бизнисменот Пане Темов, креаторот на оваа бизнис-приказна.
„Ново Нордиск“ достигна пазарна вредност од 500 милијарди долари
„Ново Нордиск“, производителот на лекот за дијабетес „оземпик“ и на лекот за слабеење „вегови“, постигна голем успех со тоа што стана втората европска компанија чија пазарна вредност ја надмина границата од 500 милијарди долари. Сепак, тоа е само уште еден потсетник дека дури и растечките здравствени и технолошки акции во регионот не се совпаѓаат со растот што го нудат акциите на Волстрит.
Според „Блумберг њуз“, данскиот „Ново Нордиск“ во средата за првпат надмина 500 милијарди долари, по минатогодишниот успех на гигантот за луксуз ЛВМХ (Moët Hennessy Louis Vuitton - LVMH). Иако тоа е значајно достигнување, „Ново“ додаде 100 милијарди долари во вредност во изминатите четири месеци, додека технолошкиот гигант „Енвидија“ доби 500 милијарди долари.
Што можеме да очекуваме ако Трамп победи на изборите во САД
Анкета по анкета се покажува дека американските гласачи повеќе му веруваат на поранешниот републикански претседател отколку на сегашната демократска администрација, барем кога станува збор за економските прашања. Главното оружје на Трамп за напад на Бајден ќе бидат инфлацијата и стандардот на средната класа.
Ако го прашате Доналд Трамп, економијата е проблем за Џо Бајден.
Декемвриското истражување на „Блумберг њуз“ и „Морнинг консалт“ (Morning Consult) покажа дека гласачите во седум сојузни држави имаат поголема верба во способноста на Трамп да одговори на прашања од широк спектар, вклучувајќи ги домувањето, каматните стапки и инфлацијата, заедно со балансирањето на буџетот.
Некои елементи од агендата на Трамп веројатно ќе бидат во континуитет со неговиот прв мандат како претседател, а други - во области како што е трговијата - би можеле да изненадат...