Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2023 година изнесувала 39.998 денари и има реален раст од 12,3 отсто во однос на декември 2022 година. Зголемувањето се должи пред сè на растот на просечната нето-плата во секторите јавна управа и одбрана, задолжително осигурување 27,5 отсто, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација 27,1 отсто и градежништво 21,8 отсто.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Приказната за првиот македонски стартап кој во рана фаза доби инвестиција од милион евра
Македонија лани се најде на 70-то место на листата од 100 земји рангирани во извештајот „Глобален стартап-екосистем“ за 2023 година. Од земјите од регионот Адрија, подобри од нас се Хрватска, Словенија и Србија, а полошо е рангирана само Босна и Херцеговина.
Но иако во глобални рамки земјава се смета за ограничен и мал пазар, сепак постојат примери дека има можности за развој и напредок. Еден од нив е компанијата „Моделикс“ (Modeliks), основана во 2022 година, која стана првиот македонски стартап со инвестиција од милион евра во рана фаза.
Нема веќе компензации со фирми со блокирани сметки
Компаниите со блокирани сметки веќе не можат да плаќаат со компензации, цесии, асигнации … Забраната за таканареченото плаќање со пресметка стапи на сила од 1 јануари годинава, а е предвидена со Законот за платежни услуги и платни системи.
Плаќањето со пресметка се дефинира како меѓусебно намирување на паричните обврски и побарувања меѓу учесниците во платниот промет со компензација, асигнација, цесија, преземање на долг и други облици на меѓусебно намирување на обврски и побарувања.
Акциите на „Енвидија“ скокнаа по веста дека кварталниот приход се зголемил тројно
Акциите на „Енвидија“ се зголемија во доцното тргување откако објави уште една неверојатна прогноза за продажба, давајќи му нов импулс на собирот на акциите, што веќе ја направи највреден производител на чипови во светот.
Приходите во тековниот период ќе бидат околу 24 милијарди долари, соопшти компанијата во средата. Аналитичарите во просек предвидуваа 21,9 милијарда долари. Резултатите од четвртиот квартал исто така ги надминаа процените на Волстрит.
Европските акции по примерот на Волстрит до рекордно високо ниво
Европските акции достигнаа рекордно високо ниво, придружувајќи им се на нивните пандани од Волстрит, бидејќи оптимизмот околу економскиот раст и потенцијалното олеснување на монетарната политика го продолжија минатогодишниот подем.
Индексот Stoxx Europe 600 се искачи за 0,9 отсто, на 495,71 поени, надминувајќи го својот претходен врв, кој го достигна во јануари 2022 година. Добивките во четвртокот беа поттикнати од технолошките акции откако „Енвидија“ (Nvidia Corp.) испорача уште една неверојатна прогноза за продажба.
Странските компании го преферираат оперативниот лизинг
Странските компании во Македонија го преферираат оперативниот лизинг, бидејќи сакаат предвидливост во буџетирањето. „Овој начин е практикуван и во нивните локални компании, а искуството го пренесуваат и кај нас“, вели Марјан Манчев, извршен директор на „Шпаркасе лизинг“, во интервју за „Блумберг Адрија“.
„Она што е интересно, особено кај странските инвеститори, генерално кај компаниите што се со странски капитал е тоа дека не го бараат оној класичен финансиски лизинг, туку го бараат оперативниот лизинг со целосно одржување. Странските компании сакаат предвидливост во нивното буџетирање и во нивните трошоци, а тој дел со целосно одржување им го дава токму тоа, без разлика дали се тоа возила или друг тип опрема“, вели Манчев.