За првпат од 1972 година, САД се вратија на Месечината.
Во 18.23 часот во четвртокот по њујоршко време, „Интуитив машинс“ (Intuitive Machines Inc.) слета роботизирано вселенско летало на Месечината, со што стана првата приватна фирма што постави објект на површината на Месечината.
НАСА, која плати речиси 118 милиони долари за оваа мисија, објави честитки на платформата за социјално вмрежување X: „Вашата нарачка е испорачана... на Месечината!“ „Интуитив машинс“ треба да испрати две дополнителни летала на Месечината во партнерство со НАСА.
Прочитај повеќе
Астронаутите од НАСА ќе одат на Месечината во скафандери од „Прада“
Астронаутите на претстојната мисија на НАСА ќе се упатат кон Месечината со стил, дотерани во скафандери од „Прада“.
05.10.2023
Индија стана првата земја што слета на јужниот пол на Месечината
Индија стана првата земја што слета со вселенско летало во близината на јужниот пол на Месечината.
23.08.2023
Климатските промени водат до вселенска трка за мутирани семиња
Меѓународната агенција за атомска енергија првпат користи космичко зрачење за да мутира семиња.
04.03.2023
И како што во САД растеа вселенските амбиции и се прошируваше бизнисот со вселената, фирмите се тркаа да ја преземат титулата за слетување на првото приватно летало на едно парче на Месечината. Никој не беше успешен до денеска. Израелската непрофитна организација „Спејс ИЛ“ (SpaceIL) се обиде во 2019 година, но нејзиното летало влезе пребрзо и се урна на површината. Минатата година токиската „Испејс“ (Ispace Inc.) изгуби контакт со својот лендер. Во јануари, пак, лендерот на „Астроботик“ (Astrobotic) од Питсбург доживеа дефект на моторот веднаш откако стигна во вселената.
Oткако САД успешно однесоа луѓе на Месечината пред половина век, зошто беше толку тешко за компаниите - дури и за земјите - да го направат тоа повторно?
Месечината е сурова средина. Тешко е да се дизајнира вселенско летало што може да се движи по нејзината површина и речиси е невозможно да се рекреираат тие услови за тестирање на Земјата. И ресурсите на приватните компании се бледи во споредба со она што го имаше НАСА во 1960-тите: трезор што еднаш се искачи на приближно 4 отсто од вкупниот федерален буџет на САД.
Најголемата пречка можеби бea инженерите и компаниите од 21 век со мало или никакво искуство. Поминаа повеќе од 50 години откако луѓето дизајнираа и испратија слетувачи на Месечината, така што фирмите почнуваа речиси од нула и работеа со нови технологии.
„Велиме дека сме биле таму порано, но овие компании не биле таму порано“, рече во интервју Филип Мецгер, планетарен физичар од Универзитетот во Централна Флорида. „Тоа е навистина нова технологија, која се усовршува и созрева во моментов“.
Назад на Месечината
НАСА го тргна своето внимание од Месечината по последната мисија „Аполо“ во 1972 година за да се фокусира на вселенскиот шатл, Меѓународната вселенска станица и други цели. Различни администрации предложија враќање на Месечината, но тие програми не ги преживеаја политичките спротивставени ветрови. Но, во 2017 година, претседателот Доналд Трамп ја поттикна НАСА да ја започне иницијативата „Артемис“ за враќање на луѓето на природниот сателит на Земјата.
Целта на вселенската агенција е да создаде одржливо присуство на Месечината, тврдејќи дека учењето да се живее и работи во тие услови на крајот ќе им овозможи на луѓето полесно да го истражуваат Сончевиот Систем.
Тоа значи многу профитабилни владини договори. И, за разлика од ерата на „Аполо“, приватните компании имаат потенцијал да стигнат таму - со мала помош од НАСА. „Интуитив машинс“ и „Астроботик“ соработуваа со програмата ЦЛПС (CLPS) на вселенската агенција, дизајнирана да помогне да се поттикне развојот на комерцијални слетувачи за „Артемис“.
Сепак, остануваат физички предизвици за истражување на Месечината. За почеток, проблем е само патувањето низ вакуумот на вселената за да се стигне до Месечината. Вселенските летала мора да се справат со големите промени на температурата, во зависност од тоа кои делови од леталото се свртени кон сонцето и тие често се бомбардирани со космички зраци - озрачени честички што потекуваат од сонцето или од длабоката вселена што лесно можат да ја спржат електрониката доколу не е добро заштитена.
Месечината е приближно една четвртина од ширината на нашата планета, со многу помала гравитација во целост, што го отежнува маневрирањето во нејзината орбита. Грубиот терен, кратерите и другите фактори нерамномерно ја шират гравитацијата.
„Кога орбитирате околу Месечината, на крајот ќе се урнете на Месечината бидејќи нестабилната гравитација ќе ја наруши вашата орбита“, вели Мецгер. „Поради тоа, мора да имате навигација што точно регистрира каде сте и може да се приспособи во реално време“.
За разлика од Земјата, која има атмосфера што помага да се ублажи падот на вселенските летала што се враќаат од орбитата, Месечината речиси нема атмосфера. За да слетаат таму, практично сите вселенски летала мора да користат некаква форма на ракетен мотор за нежно да се спуштат на површината. Вселенското летало мора да ги вклучи своите мотори толку прецизно што тие ќе го застанат токму над површината. Во спротивно, голем е ризикот да се урне.
Сето ова бара да се знае на што ќе слета леталото. Роботските слетувачи често се потпираат на информации собрани од сензорите, како и на слики од нивната точка на слетување собрани предвреме, кои често не се со многу висока резолуција. Нештата ги комплицира и оддалеченоста на Месечината од Земјата. Обично има неколку секунди доцнење кога се испраќаат команди до тие вселенски летала.
„Морате да го направите сето тоа автономно“, рече Ади Дов, вонреден професор на Универзитетот во Централна Флорида, кој работи на мисија за слетување на Месечината. „Нема начин човек да ги коригира работите во реално време само поради фактот колку брзо се случува сето тоа“.
Тоа може да доведе до проблеми како оние со кои се соочи „Испејс“ во 2023 година. На крајот сфати дека неговиот слетувач на Месечината претрпел софтверски дефект и погрешно ја проценил висината на теренот под него, поради што останал без гориво и се урнал.
Понекогаш има хардверски неуспеси. Во јануари Јапонската агенција за вселенски истражувања го приземји својот паметен лендер за истражување на Месечината на 55 метри (180 стапки) од планираната цел. Очигледниот проблем со моторот го принуди леталото да се приземји на главата наместо настрана. Па така, иако слета без оштетувања, неговата мисија заврши рано бидејќи не можеше правилно да ги наполни соларните панели.
Јужниот пол
Дополнителен слој на тежина за „Интуитив машинс“ беше нејзината цел. Првично, компанијата се надеваше дека ќе слета во близината на релативно рамниот екватор на Месечината, каде што слетаа сите мисии „Аполо“. Но, НАСА побара од компанијата да го смени местото на слетување во регионот на јужниот пол на Месечината - место кон кое се насочени многу земји и до кое Индија се приближи со слетувањето на нејзиниот „Чандрајан-3“ (Chandrayaan-3) минатиот август, откако рускиот обид не успеа.
Податоците собрани од роботски вселенски летала што ја посетуваат Месечината потврдија дека многу од кратерите на јужниот пол може да содржат џебови со вода во форма на мраз. НАСА и други се потенцијално заинтересирани за ископување на тој мраз, кој би можел да се користи за вода за пиење или за земјоделски култури. Ако се раздели на нејзините елементарни компоненти - водород и кислород - водата може да стане и иден погон за ракети. Но останува да се види колку мраз има и во каква состојба е истиот тој.