Превозниците што вршат патнички товарен транспорт и од Министерството за транспорт и врски имаат сертификат за професионален возач може да извадат патна исправа приоритетно и по редовна цена. Владата на седница донесе одлука по иницијативата од здружението на транспортери да се забрза процесот за добивање пасош. Останатите граѓани, сепак, ќе треба да почекаат додека се расчисти метежот што го создадоа надлежните.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Македонците возат „дизелаши“, државата „нè вози“ за електричните автомобили
Во земјава има 17 возила кои се регистрирани, а се произведени во 19 век. Три возила се произведени во 1900 година, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи за регистрирани возила во текот на 2022 година. И без овие олдтајмери, возниот парк во земјава е стар. Од вкупно 633.947 регистрирани возила, дури 419 се произведени во периодот од почетокот на 20 век до 1970 година.
Над 145.000 возила произведени до крајот на минатиот век сè уште возат по македонските патишта. Најголем број од регистрираните возила во земјава, близу 50.000 се произведени во 2007 година односно одговараат на Еуро 4 стандардите. Од почетокот на следната година, почнуваат да важат Еуро 7 стандардите.
Македонските девизни резерви ќе се инвестираат во странски инвестициски фондови
Народната банка во иднина да може да ги инвестира средствата од девизните резерви во странски инвестициски фондови. Ова е една од новините предвидени во предлог-законот за измени на Законот за Народната банка, кој е веќе влезен во собраниска процедура. Прашавме во Народната банка што ќе донесат законските измени.
„Со предложените измени се овозможува стекнување удели во странски инвестициски фондови, коишто претставуваат вложувања во средства застапени во одредени индекси на должнички хартии од вредност, зелени обврзници, злато, валути и останати високо ликвидни финансиски инструменти со ниско ниво на ризик коишто се веќе прифатени како дозволени инструменти за пласмани на девизните резерви, а коишто се стручно и професионално водени од меѓународни финансиски институции и странски финансиски друштва специјализирани за управување со имот“, велат од Народната банка.
Како цената на гасот ја стопи добивката на „Макпетрол“
„Макпетрол“ АД Скопје во текот на 2023 година оствари добивка од 770,7 милиони денари (12,5 милиони евра), што е намалување за 40 проценти во однос на претходната година кога добивката на компанијата изнесувала 1,2 милијарди денари (20,9 милиони евра).
„Во текот на 2023 година, опкружувањето во кое работеше друштвото сè уште беше нарушено и тоа во најголем дел поради воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, кој има силно влијание на цените на енергентите на светските берзи. Исто така, во 2023 година дојде до воени судири на Блискиот Исток во појасот Газа, помеѓу Израел и Палестинското движење – Хамас, со што мирот и безбедноста во светот дополнително беа загрозени“, велат од компанијата.
За акционерите на „ТТК банка“ третина од дивидендата во пари
Исплата на дивиденда во бруто-износ од 1,7 милион евра предлага „ТТК банка“. Распределбата на наградата за акционерите треба да се усвои на годишното собрание, кое е закажано за 29 март годинава, а на кое треба да се потврди и предлог-одлуката оваа сума на акционерите да им се исплаќа дел во акции, преку издавање емисија по пат на приватна понуда наменета за акционерите, и дел во пари, сразмерно на учеството на нивните акции во дотогашната основна главнина.
„Висината на бруто-дивиденда по акција ќе изнесува 108 денари, односно 10,8 отсто од номиналната вредност на акциите, која изнесува 1.000 денари, и тоа 76 денари бруто-дивиденда во акции по пат на приватна понуда наменета за акционерите и 32 денари бруто-дивиденда во пари (на платежни сметки на акционерите)“, се наведува во предлог-одлуката.
„Алкалоид“ урива рекорди во добивката, приходите и новите вработувања
„Алкалоид“ АД Скопје во текот на 2023 година оствари консолидирана нето-добивка од 1.576.864.000 денари (25,6 милиони евра), што е зголемување за осум проценти и во споредба со остварената добивка во 2022 година, соопшти компанијата преку Македонската берза. Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари-декември 2023 година изнесуваат 16.957.698.000 денари (275,5 милиони евра) и во споредба со остварените во истиот период во 2022 година бележат раст од десет проценти.
„Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 97 проценти, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2022 година бележат раст од 16 проценти“, информираат од компанијата.