Дури 28,4 проценти од возрасните и 30,5 проценти од децата на возраст од шест до девет години во Македонија имаат прекумерна телесна тежина, соопшти Институтот за јавно здравје по повод 4 март - Денот на дебелината. Загрижувачки е што 13,8 проценти од децата живеат со екстремна дебелина.
Во Македонија дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6 проценти, а кај децата и адолесцентите за 7,4 проценти споредено со 1990 година.
„Дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата. Повеќето од децата што имаат зголемена телесна тежина и дебелина живеат во урбани средини. Исхраната со високопреработена и енергетски богата храна е значаен фактор што придонесува за развој на зголемена телесна тежина кај децата“, наведуваат од ИЈЗ.
Оттаму додаваат дека социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата.
„Физичката неактивност кај децата поради намалените можности за безбедни животни средини, кои промовираат активна игра и движење на децата, доведува до помалку движење и употреба на електронски уреди како клучни детерминанти на дебелината“, велат од ИЈЗ.
Од Институтот посочуваат дека трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата во Македонија се одржуваат стабилно на високо ниво.
„Потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина што влијаат врз дебелината до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување“, укажуваат од ИЈЗ.
Инаку, според студија објавена во „Лансет“ (The Lancet) во 2022 година, повеќе од милијарда луѓе во светот живееле со дебелина. Во светот од 1990 година дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите (од 5 до 19 години).