Вчерашниот ден не беше добар за ТикТок. Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон за забрана на мрежата во земјата, освен ако кинеската компанија што го поседува не го продаде својот оддел во САД. Ова претставува најсериозен проблем со кој се соочува платформата за кратки видеосодржини (која ја користат 170 милиони Американци), бидејќи критичарите ја нарекуваат закана за националната безбедност. Освен тоа, Италија изрече и казна на компанијата.
Добро утро, ова се петте вести кои треба да ги знаете за почеток на денот
Стопанствениците во земјава велат дека годинава каматите ќе останат високи
Народната банка на Македонија неделава одлучи да ја задржи референтната камата непромената, на 6,30 отсто. Според прогнозите, и во земјава првото намалување може да се очекува на почетокот на летото. Сепак, стопанствениците во земјава велат дека годинава каматите ќе останат високи.
Сашко Блажевски, извршен директор на компанијата за транспорт и логистика, „Нелт Груп“, вели дека во ситуација кога не се очекува сериозно поместување на монетарната политика, свој придонес треба да дадат банките што може да даде посилен импулс на целата економија.
Отказите откриваат: технолошките работни места повеќе не се свети
Тоа беше година на транзиција за Сиднеј Русакова. Во март 2023 година таа ја загуби својата работа во стартапот „Јуниверз“ (Universe), кој нуди алатки за дизајн на софтвер со отворен код. Кога ја укинаа нејзината позиција како раководителка на развој на производи, таа зеде малку одмор пред да започне на нова позиција во јуни во „Некстдор“ (Nextdoor Holdings), компанија што ги сервисира и ги одржува социјалните мрежи. Во ноември таа повторно беше отпуштена, кога „Некстдор“ спроведе свој круг на отпуштања.
Губењето на работата е искуство со кое Русакова учи да се справува. „Првиот пат имаше елемент на непријатност и изненадување“, вели 31-годишната Русакова. „Мислам дека вториот пат подобро се справив“.
Стурнарас: ЕЦБ мора да ја намали стапката двапати пред летната пауза
Европската централна банка мора двапати да ги намали трошоците за задолжување пред летниот одмор во август и уште двапати пред крајот на годината, без да биде под влијание на американската централна банка, според членот на Управниот совет Јанис Стурнарас.
„Треба да започнеме со намалување на стапките наскоро за да не стане премногу рестриктивна нашата монетарна политика“, рече Стурнарас, кој исто така ја предводи грчката централна банка, во интервју во Лондон. „Соодветно е да се направат две намалувања на стапките пред летната пауза, а четири поместувања во текот на годината изгледаат разумно. Досега се согласувам со очекувањата на пазарите“.
Русија оди на избори со повисок стандард на граѓаните поради воената економија
Две години по инвазијата од Кремљ на Украина, многумина во Русија имаат причина да чувствуваат дека економијата за време на војната функционира добро за нив поради неуспехот за западните санкции дизајнирани да го свртат народот против лидерот на земјата Владимир Путин.
Платите пораснаа двоцифрено, рубљата се стабилизира, а сиромаштијата и невработеноста се на рекордно ниско ниво. За оние со најниски примања во земјата – клучна изборна цел за Кремљ – платите во последните три квартали се зголемија побрзо отколку за кој било друг сегмент од општеството, со годишна стапка на раст од околу 20 отсто, покажуваат податоците на Федералната служба за статистика.
Италија го казни Тикток со 10 милиони евра за содржина со самоповредување
Сопственикот на Тикток, „Бајтденс“ (ByteDance Ltd.), е казнет со 10 милиони евра (10,9 милиони долари) од италијанскиот орган за заштита на конкуренцијата, поради тоа што не ја заштитил безбедноста на децата и ранливите луѓе од опасната вирусна игра позната како „Френч скар челинџ“ (French scar challenge).
Италијанскиот антимонополски регулатор во вторникот соопшти дека ирската, британската и италијанската филијала на Тикток не успеале да ги заштитат корисниците од таквите штетни игри. Инаку, конкретниот предизвик подразбира стискање на образот доволно силно за да се остави модринка на јаболчната коска. Според регулаторите, овој вирусен предизвик ја загрозува „психофизичката безбедност на корисниците“.