Биткоинот треба да го продолжи своето соборување рекорди и да се искачи над 80.000 долари бидејќи институционалните инвеститори вложуваат повеќе пари во фондовите со кои се тргува преку крипто, според главниот извршен директор на „Бајненс“, Ричард Тенг.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Се надеваме на економски раст од зголемени плати: Попусто
Реалната плата во Македонија лани беше за над пет отсто повисока во однос на 2022 година. Земјава е една од ретките во кои просечната плата реално се зголеми во услови на висока инфлација. А партиите најавуваат дека таа и натаму ќе расте. Платите и подобрувањето на животниот стандард на населението се клучните теми што ги повторуваат политичарите пред официјалниот почеток на кампањата.
Откако просечната плата стигна до близу 40.000 денари, што е историска највисока сума, сега со лицитирањето се оди уште повисоко, се ветуваат просечна плата од 1.000 евра и минималец од 600 евра во наредниот период. А во услови на послаб економски перформанс, во растот на платите се позиционира и вкупниот економски раст. Колку е одржлив раст на земјата базиран на раст на платите? И во економската теорија тоа е сосема различно. Квалитетен раст носат инвестициите, извозот...
Политичките партии не ги кажуваат економските адути, бизнисот не сака изненадувања
Што ќе понудат политичките партии, а што бара бизнисот од идната влада? Во пресрет на единаесеттите парламентарни избори во земјава кои ќе се одржат на 8 мај. Кампањата официјално не е почната, ќе почне за 18 април, но политичарите се силно растрчани на терен и уште посилно ветуваат и подобри услови за работа и поголеми плати.
Ние ги прашавме најголемите политички партии што нудат за следниот период, кои се главните економски теми кои ќе бидат запишани во нивните политички програми. Ги прашавме и бизнис асоцијациите што очекуваат да биде во фокусот во наредниот период.Бизнисот секогаш го бара истото. Пред сè стабилност и предвидливост, а потоа пристап до повеќе пари и нулта корупција. Прв пат пред овие избори, за сите во бизнисот врвен приоритет станува работната сила и реформата на образованието која треба да ја создаде.
ББА анализа: Прво доказ дека инфлацијата е зауздана, па Фед ќе ги намали стапките
Не очекуваме да дојде до промена во опсегот на каматните стапки на Фед (Федералните резерви на САД) на претстојната седница, имајќи ги предвид претходните сигнали кои доаѓаат од официјалните лица, кои се многу внимателни за моментот прифатлив за намалување на стапките, како и за најновите податоци за инфлацијата и пазарот на работната сила.
Најновите податоци за инфлацијата (CPI, 3,2 отсто во февруари, што е на ниво на просекот во четвртиот квартал 2023 и нешто над јануарските од 3,1 отсто) ја отежнуваат задачата на Фед, бидејќи беа изненадувачки и покажаа мало забрзување, но и во структурата самата инфлација покажа постојани инфлациски притисоци во сегментот услуги (5 отсто на годишно ниво во февруари). Меѓутоа и продажните цени неочекувано пораснаа во февруари (1,6 отсто на годишно ниво, по 1 процент во јануари, колкав што беше растот и во четвртиот квартал од 2023 година), што само докажува дека и инфлацијата во доменот на стоки не е во сенка.
Европскиот гас поскапува, во фокусот глобалното снабдување со енергија
Референтните фјучерси скокнаа дури за 6,2 отсто во понеделникот, продолжувајќи ги добивките од минатата недела. Цените почнаа да растат неодамна, откако паднаа дури за 30 отсто од почетокот на годината, што покажува дека трговците им посветуваат поголемо внимание на факторите што ќе влијаат на купувањето гориво пред следната зима.
Прекините во глобалните капацитети за втечнување гас - од Малезија до САД - предизвикуваат нервоза на пазарот додека Европа се приближува кон последните недели од грејната сезона. Следната недела во делови од Северна Европа се очекуваат температури пониски од нормалните, пред да се покачат.Растот на цената на гасот го следи напредокот во договорите за нафта по украинските напади врз руските рафинерии, кои ја зголемуваат „геополитичката температура“, рече Оле Слот Хансен, шеф на одделот за стратегии со стоки во „Саксо банк“ (Saxo Bank A/S).
Маск смета дека тоа што зема кетамин е во најдобар интерес на инвеститорите
Илон Маск изјави дека тоа што му е препишана употреба на кетамин ги ублажува периодите кога тој е во лошо расположение и според тоа е во најдобар интерес на инвеститорите во „Тесла“ (Tesla Inc.) и другите компании со кои раководи.
За Волстрит, „важно е извршувањето“, рече Маск во интервју со поранешниот водител на Си-ен-ен, Дон Лемон, емитувано во понеделникот на Јутјуб. „Од гледна точка на инвеститорите, ако има нешто што јас го користам, треба да продолжaме да го земаме“, рече тој мислејќи на успехот на „Тесла“.Маск рече дека го зема лекот како што е пропишано, односно периодично за да го лекува она што тој го опишува како „хемиска плима“ што доведува до симптоми слични на депресија.