Безбедноста на наизменичниот пост, кој сега е популарна практика за слабеење, преку ограничување на внесувањето храна на одредени периоди, е доведена во прашање по изненадувачко откритие од истражување презентирано на медицински состанок.
Ограничувањето на оброците на период од само осум часа на ден се поврзува со 91-отстотно зголемување на ризикот од смрт од срцеви заболувања, се наведува во студијата објавена во понеделникот во Чикаго. Американското здружение за срцево здравје (The American Heart Association) објави само апстракт, оставајќи ги научниците да шпекулираат околу деталите за протоколот на студијата. Студијата пред нејзиното објавување била прегледана од други експерти, тврдат од здружението.
Животниот стил насочен кон губење тежина се најде под лупа откако нова генерација на лекови почна да им помага на луѓето да намалат од вишокот килограми. Некои лекари ги доведоа во прашање наодите на студијата, велејќи дека тие би можеле да бидат непрецизни поради низа разлики - како на пример општото здравје на срцето - кај пациентите што постат и споредбената група, чии членови консумирале храна во дневен период од 12 до 16 часа.
„Јадењето во ограничено време е популарно како средство за намалување на внесувањето калории“, вели Кит Фрејн, почесен професор за човековиот метаболизам на Универзитетот во Оксфорд, во изјава за Научниот медиумски центар на Велика Британија. „Овој труд е важен за да покаже дека ни се потребни долгорочни студии за ефектите од ваквата практика. Сепак, овој апстракт остава многу прашања неодговорени“.
Истражувачите, предводени од Виктор Жонг од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Шангај, ги анализирале податоците од околу 20.000 возрасни лица вклучени во Националното здравствено и нутриционистичко испитување на американските центри за контрола и превенција од болести.
Студијата разгледува одговори на прашалници заедно со податоците за смртните случаи од 2003 до 2019 година. Бидејќи делумно се потпира на обрасци што барале од пациентите да се потсетат што јаделе во текот на два дена, научниците рекоа дека има простор за потенцијални неправилности. Околу половина од пациентите биле мажи, а просечната возраст била 48 години.
Според Жонг, не е јасно колку долго пациентите продолжиле со наизменичниот пост, иако истражувачите претпоставуваат дека ја задржале таквата практика.
Пациентите што постеле во поголема мера се помлади мажи со повисок БМИ (Body Mass Index) и несигурност за исхраната, посочи тој преку е-пошта. Тие исто така имале помала преваленца на хипертензија, дијабетес и кардиоваскуларни болести врз основа на самостојни извештаи. „Ние ги контролиравме сите овие варијабли во анализата, но позитивната поврзаност помеѓу осумчасовното ограничено јадење и смртноста од кардиоваскуларни причини остана“, рече Жонг.
Апстрактот беше претставен на состанокот „Научни сесии за животниот стил“ (Lifestyle Scientific Sessions) во Чикаго.