Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јануари 2024 година, изнесува 39.542 денари, што е намалување во однос на претходниот месец кога изнесуваше 39.998 денари. Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата pо вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: градежништво (10,9 проценти), преработувачка индустрија (4,9 проценти) и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (3,8 проценти).
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Се‘ повеќе Македонци имаат алергии: Колку чини пазарот на здрава храна?
Храната во последните две години достигна рекордни цени, но за некои луѓе е многу поскапа. Алергиите на храна стануваат сè поголем товар и за државите, а посебно за семејствата каде има членови кои страдаат. Само во САД, популацијата која е засегната од алергијата на храна во последниве пет години е зголемена за околу 55 отсто.
Една студија од 2022 година изработена од Националниот центар за биотехнолошки информации на САД покажува дека вкупниот трошок на САД предизвикан од ваквите алергии е проценет на 23 милијарди долари годишно. Трошоците за медицинскиот систем изнесуваат четири милијарди од вкупните трошоци, додека трошоците на товар на семејствата изнесуваат околу 19 милијарди долари.
Првите биоразградливи хулахопки со алое вера во светот се од Македонија
Иновативни хулахопки со алое вера се извезуваат во Европа и во САД. Освен што штитат од студ, тие ја штитат и животната средина. Се разградуваат десетпати побрзо од стандардните и се комплетно македонски производ. Идејата за создавање на овој еколошки моден додаток е на Сања Лазаревска.
Нејзината фамилија, која три децении е дел од трикотажната индустрија, до пред шест години била комплетно насочена кон производство на традиционални хулахопки, доколенки и кратки чорапи. Во 2018 година сфатила дека треба да го оптимизира семејниот капитал, па го создала брендот „Април 22“. Името е симболично, на овој датум се одбележува Меѓународниот ден на планетата Земја.
Раст на депозитите и на кредитите во февруари
Народната банка информира дека во февруари годинава вкупните депозити бележат месечно зголемување од 0,3 проценти, што во целост се објаснува со растот на депозитите на секторот „домаќинства“, како и дека има намалување на депозитите на корпоративниот сектор.
Анализирано на годишна ниво, кај вкупните депозити има раст од 9,3 проценти, поради повисоките депозити на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“. Оттаму додаваат дека вкупните кредити, во февруари, се зголемиле за 0,9 проценти во споредба со минатиот месец, поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.
Пет клучни менаџери на „Алкалоид“ купија акции од компанијата
„Алкалоид“ АД Скопје преку Македонската берза соопшти дека пет членови на Управниот одбор купиле акции од компанијата. Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор и генерален директор се стекнал со 300 обични акции „Алкалоид“. Ќире Ицев, член на Управниот одбор се стекнал со 150 обични акции, Оливера Панева, член на Управниот одбор се стекнала со 50 обични акции, Ѓорѓи Јованов, член на Управниот одбор се стекнал со 100 обични акции и Виктор Стојчевски, член на Управниот одбор се стекнал со 200 обични акции.
Во деловниот свет купувањето акции на една компанија е знак за доверба на менаџментот во успехот на компанијата со која управува и сигнал до инвеститорите дека цената на акцијата, според мислењето на менаџментот, е погодна за инвестирање.
„ПроКредит банка“ ја зголеми добивката пред оданочување за 120 проценти
Германскиот „ПроКредит Холдинг“ вчера соопшти дека подружницата во Северна Македонија остварила добивка пред оданочување од 10,7 милиони евра, што е пораст од 120 проценти. Приходите на банката изнесуваат 28,4 милиони евра во 2023 година, наспроти 17,3 милиони евра во 2022 година.
Кредитното портфолио на заемодавачот на крајот на декември изнесува 508 милиони евра, што е зголемување од 7,1 проценти во однос на претходната година.„ПроКредит Холдинг“ има свои подружници во Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово и Романија.