Доколку движењата и на фронтот на девизниот пазар и на фронтот на инфлацијата продолжат на одржлива основа, тогаш постои простор за одредени промени во монетарната политика во втората половина од годинава, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на прашањето кога би можело да се очекува пад на каматните стапки.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Сè уште далеку од целта: Тврдоглавата инфлација бара внимателност
Народната банка и Меѓународниот монетарен фонд се на иста линија кога станува збор за инфлацијата во Македонија, за која двете институции предвидуваат дека годинава ќе се движи околу четири проценти, но истовремено предупредуваат дека има ризици што се причина за загриженост и за внимателно водење на монетарната политика.
ММФ во најновиот извештај за економските изгледи посочи дека иако трендовите на инфлацијата во изминатиов период беа охрабрувачки, светската економија сè уште не е на посакуваната цел. Оттаму предупредија дека неодамнешните нагорни поместувања кај вкупната и кај базичната инфлација се причина за будност на носителите на политиките.
Портфолиото на нашите инвеститори во странство наближува до милијарда евра
Состојбата на средствата врз основа на портфолио-инвестиции (вложувања на македонски резиденти во странски хартии од вредност) на крајот на минатата година изнесува 917 милиони евра, од кои 760,8 милиони евра се вложувања во сопственички, додека 156,2 милиона евра во должнички хартии од вредност.
Податоците на Народната банка откриваат дека има забрзан пораст на портфолио-инвестициите во странство односно зголемување за четири пати во однос на 2016 година, кога тие изнесувале околу 220 милиони евра. Анализирано по земји, најголеми портфолио-инвестиции има во Соединетите Американски Држави во износ од 638,2 милиона евра, во Германија во износ од 114,3 милиони евра и во Франција во износ од 36,4 милиони евра.
Германската економија веројатно порасна во првиот квартал, објави Бундесбанк
Германската економија - најголемата во Европа - најверојатно ја избегнa зимската рецесија и порасна во првиот квартал годинава, благодарение на растот во производството, зголемениот извоз и растот во градежништвото, објави Бундесбанк. Откако пред само четири недели предупреди дека производството веројатно се намалило втор квартал по ред помеѓу јануари и март, централната банка рече дека во тој период можеби, всушност, е забележан „мал пораст“.
Сепак, предупреди дека не е обезбедено одржливо закрепнување. Некогаш двигател на растот на континентот, Германија во последно време заостануваше, особено со нејзиниот огромен индустриски сектор, кој страдаше од падот на понудата, крајот на евтините руски испораки на енергија и трговските промени предизвикани од слабата глобална побарувачка и геополитичките шокови.
Драстичен пад на цената на нафтата по зголемувањето на американските резерви
Цената на нафтата драстично падна во средата, откако беше објавено дека резервите на нафта во САД се на највисоко ниво во последните десет месеци. Глобалниот репер брент се тргува за нешто над 87 долари за барел, откако падна за три отсто во средата, додека вест тексас интермедиејт (ВТИ) е близу 83 долари. Резервите на сурова нафта во САД се зголемија за 2,7 милиони барели минатата недела, достигнувајќи највисоко ниво од минатиот јуни, додека показателите за побарувачката за гориво паднаа.
Слабите американски податоци го засенија влијанието на геополитичките тензии на Блискиот Исток додека трговците очекуваат одговор на Израел на неодамнешниот напад од Иран. Во моментов има премија од 5 до 10 долари за барел, но доколку не дојде до ескалација, цените би можеле да паднат, велат од „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group).
„Еркеш“ влегува во Србија и во БиХ, Македонија каска со електронските пари
„Еркеш“ (Aircash) годинава влегува на пазарот во Босна и Херцеговина (БиХ), а планира да се прошири и на други пазари во Европа, особено на Балканот - Србија, Црна Гора и Албанија. Сепак, Македонија засега не е во план. Во Босна и Херцеговина на сите заинтересирани ќе им бидат понудени клучни услуги, како што е инстант испраќање пари од странство во Босна и Херцеговина, потврди во интервју за „Блумберг Адрија“ Хрвоје Ќосиќ, директорот на оваа хрватска компанија, која е присутна во сите земји од Европската Унија (ЕУ) и во Швајцарија.
„Еркеш“ (Aircash) е првиот хрватски повеќевалутен паричник за готовина и издавач на припејд-картичката „еркеш мастеркард“ (Aircash Mastercard). Тие се лиценцирана институција за електронски пари со лиценца од Хрватската народна банка, која важи во сите земји на ЕУ. Во моментот се приближуваат до бројката од еден милион корисници и ги обединуваат сите потребни функционалности за брзи, едноставни и поволни плаќања.