Голем број проблеми и недостатоци, идентификувани преку различни проекти, студии и плански документи, се евидентни во областите на животната средина во Македонија, според последната публикација „Статистика на животната средина 2024“.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Над 5.400 граѓани и фирми лани жртви на измамнички трансакции
Точно 4.880 физички лица и 527 правни лица корисници на платежни картички од домашни даватели на платежни услуги лани биле жртви на измамнички иницирани платежни трансакции, од кои најголем дел поврзани со трансакции на места за онлајн продажба, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Станува збор за трансакции со вкупна вредност од 12,8 милиони денари (208.000 евра) преку картички на физички лица и со вредност од 3,2 милиони денари (52.000 евра) преку картички на правни лица.
Статистиката на Народната банка ги вклучува бројот и вредноста на измамнички иницираните платежни трансакции пратени од немонетарни финансиски институции преку давателите на платежните услуги во државата. Поделбата на податоците за измамнички иницираните платежни трансакции е направена според платежните услуги на: кредитни трансфери, директни задолжувања, платежни трансакции засновани на картичка (со исклучок на картичките со функција на електронски пари), платежни трансакции со електронски пари, парични дознаки и други платежни услуги.
Анализa: Монетарни политики во регионот Адрија - кога до пад на каматите?
Федералните резерви на САД (Фед) и Европската централна банка (ЕЦБ) на последните состаноци за монетарната политика останаа на стендбај во однос на каматните стапки. Во ситуација кога претставниците на ЕЦБ се приближуваат кон нивната одлука за стапката на 6 јуни, како момент за почеток на намалување на трошоците за задолжување, од другата страна на Атлантикот има очигледен пресврт во траекторијата на Федералните резерви.
Додека инвеститорите типуваат која банка и кога ќе почне да ги намалува трошоците за задолжување, анализираме какви беа досегашните политики на централните банки во регионот Адрија. Потезите на двете централни банки ги следат и земјите од регионот, освен Босна и Херцеговина, каде што зголемувањето на каматните стапки како инструмент за намалување на инфлацијата не е опција.
Гласовни клонови - нова опасност
Џордан Хаулет, 26-годишник со 24 милиони следбеници на Инстаграм, Тикток и Јутјуб, е многу внимателен кога станува збор за брендовите со кои соработува. Тој има потпишано договори со „Доминос пица“ (Domino’s Pizza), „Гугл“ (Google) и „Вингстоп“ (WingStop) и заработува за живот создавајќи видеа на теми како „отворање тегли како професионалец“ или најдобриот начин да се „јаде правилно од чинија чипотле“. Тој беше многу исплашен кога почна да добива пораки во кои го прашуваа зошто рекламира наводен лек за слепило на Фејсбук и на Инстаграм.
Експертите за сајбер-безбедност со години предупредуваат за дипфејк, вештачки генерирани или манипулирани медиуми што можат да поминат како автентични. Додека голем дел од загриженоста се фокусираше на фотографиите и видеата, во текот на изминатата година стана јасно дека аудиодипфејковите, понекогаш наречени гласовни клонови, претставуваат најнепосредна закана.
Бакарот може да задржи висока цена во следните три месци
Растот на цената на бакарот, кој го доведе металот до највисоко ниво во последните две години, се намалува додека инвеститорите размислуваат за следните движења на металот по силниот настап во април. Основните метали остварија големи добивки во текот на изминатите неколку недели, при што бакарот достигна цена од околу 10.000 долари за тон во понеделникот. Показателите за подобрување на производството, од САД до Кина, ги поттикнаа металите, иако геополитичките ризици и обновената неизвесност во монетарната политика претставуваат јасни ризици.
Изгледите за бакарот се чинат оптимистички за следните три месеци поради прогнозите за затегнување на пазарот и покривање на краткорочните позиции, додека другите метали имаат послаби фундаментални позиции.
Расте цената на шеќерот
Фјучерсите на шеќерот пораснаа во Њујорк, поради сигналите дека се намалуваат резервите. Цените се зголемуваат откако минатата недела паднаа на најниско ниво во повеќе од една година. Посувото време во Бразил, кое се најавува во следните шест до десет дена, ќе влијае на посевите, покажува прогнозата на „Максар технолоџис“ (Maxar Technologies), а националната компанија за снабдување минатата недела ја намали процената на производството за оваа земја за 2023-2024 година. Исто така производството на шеќерна трска во Тајланд во последната сезона е намалено за повеќе од 12 отсто во однос на претходната година поради суша и повисоки трошоци, соопшти владата.
Фјучерсите на суровиот шеќер паднаа за 3,1 отсто минатата недела, делумно поради послабиот бразилски реал (официјална валута на Федеративна Република Бразил) - што поттикнува поголем извоз - и оптимизмот во однос на индиското производство поради прогнозите за силни монсунски дождови.