Министерството за финансии на аукција на државни хартии од вредност, која е закажана за 7 мај годинава, ќе бара заем од 2,4 милијарди денари (39 милиони евра). Износот на државни хартии од вредност што достасува за исплата во мај годинава инаку е околу три милијарди денари (49,5 милиони евра). Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ очекува Федералните резерви на САД да не ги променат каматните стапки на состанокот што се одржува утре.
Овие се меѓу најважните вести што треба да ги знаете утрово.
Се задолжуваме за да се раздолжуваме
Задолжувањето ќе се случи ден пред парламентарните избори, а според проспектите за аукцијата, се предвидува да бидат понудени едногодишни државни записи во вкупен износ од 1,5 милијарда денари (24,3 милиони евра) со каматна стапка од 3,8 проценти. Ќе бидат понудени и двегодишни државни обврзници во вкупен износ од 600 милиони денари (9,7 милиони евра) и купонска каматна стапка од 3,85 проценти, како и 15-годишни државни обврзници во износ од 300 милиони денари (4,8 милиони евра) и купонска каматна стапка од 5,6 проценти.
Од почетокот на годината нема месец без нови задолжувања на државата. Нашите аналитичари велат дека Македонија треба да внимава јавниот долг да не оди многу над 60 отсто од БДП, ниво што е по мастришкиот критериум. Во моментов најголемиот предизвик за државните финансии е од политичка природа, а тоа се изборите. Тие можат да влијаат на зголемената перцепција за ризик од страна на инвеститорите.
Германија се задолжува за дополнителни осум милијарди евра
Следната година германската сојузна влада ќе има поголем простор за задолжување, а новиот нето-долг ќе изнесува околу 24 милијарди евра наместо 16 милијарди евра, како што предвиде Министерството за финансии во јули, велат упатени извори. Според Уставот, државата може да троши само онолку колку што заработува (должничка кочница), а нормите поврзани со тој механизам дозволуваат дополнителен простор за задолжување само во моменти на послаба економија.
Новиот нето-долг се предвидува да биде околу 40 милијарди евра годинава, што е секако пад од 70 милијарди евра во 2023 година, откако Линднер ги утврди уставните лимити за задолжување за првпат од 2019 година.
„Алкалоид“ оствари добивка од 7,8 милиони евра за три месеци
„Алкалоид“ АД Скопје во првите три месеци од годинава оствари консолидирана нето-добивка од 479,5 милиони денари (7,8 милиони евра), што е зголемување за девет проценти во однос на истиот период минатата година, кога добивката на компанијата изнесуваше 441,5 милиони денари (7,1 милиони евра).
Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари-март 2024 година бележат раст од 12 проценти во однос на првото тримесечје од 2023 година. Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 99 проценти, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2023 година бележат раст од 13 проценти. Остварените консолидирани вкупни расходи во периодот јануари-март 2024 година бележат раст од 13 проценти во однос на истиот период од 2023 година.
Македонски стартапи освојуваат инвеститори со апликации за попусти и за разубавување
Два македонски стартапа преку својата дејност се трудат да им го олеснат секојдневието на граѓаните. Тие се развиваат брзо, а преку нивните онлајн услуги сега постои можност да заштедите не само време туку и пари.
Ѓорѓи Филиповски вложил приближно 50.000 евра во апликацијата „Бадијала“, која на едно место и во реално време ги прикажува сите акции и попусти на производи во поголемите македонски маркети и дрогерии. Црпејќи идеја од лични искуства и набљудувања, тој препознал можност да развие решение што може да направи значајна разлика.
Ефективни практики за подобра организираност нуди и онлајн платформата Common.mk. На овој сајт граѓаните може да се информираат за сите поволности и попусти што ги нудат македонските салони за убавина пред да си резервираат термин.
Светските бизнис-лидери дуваат во едрата на пократката работна недела
Различни земји и компании досега - повеќе или помалку успешно - го тестираа моделот на четиридневна работна недела, што подразбира дека бројот на работни часови или останува на 40 или е намален на 32. Сепак, еден од најголемите предизвици е што успехот на тој модел зависи од видот на работата што се изведува. Или, на крајот на краиштата, не?
Во концептот за скратено работно време што вработените ќе ги направи навистина посреќни се вклопува петокот. Меѓу важните причини зошто им е важен слободниот петок е можноста да организираат патувања и да ги завршат задачите во средината на неделата. Згора на тоа, истражувањето на колеџот „Тринити“ во Даблин, спроведено меѓу Ирците, покажува дека понеделник и петок се омилени денови за работа оддома.