Македонија изготви многу стратегии и документи, креираше и политики, но сега фокусот треба да се стави на имплементацијата. Земјата треба итно да го усогласи националното законодавство со најновите ЕУ стандарди и легислативи за обновливи извори и енергетска ефикасност за да држи чекор со развојните трендови на Унијата порача евроамбасадорот Дејвид Гир.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Летово од Македонија чартери до само три дестинации: Има ли пари за нови?
Летувањето во кое патот ќе биде авионски можеби и не е толку скапа варијанта, но засега во Македонија е ограничена понудата на чартер дестинации. Туристичките агенции речиси секоја година истражуваат и нови можности, но нив ги ограничуваат многу фактори. Ние истражувавме кои се сите опции иако за жал нема многу. Во пакетите од агенциите најчести се понудите со хотели кои нудат услуга во која се е вклучено (all inclusive), па и со вклучен чартер-лет до дестинацијата.
Впрочем, Анталија и Бодрум во Турција, Хургада во Египет и Тунис се чартер дестинациите за кои можат да се одлучат македонските граѓани ова лето. Туристичките агенции велат дека овие дестинации се најатрактивни за граѓаните со оглед на прифатливите цени кои ги нудат.
Истанбулското чудо
Не е ни чудо што еден фудбалски натпревар одигран во Истанбул остана познат како вистинско чудо. Пресвртот на Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите во 2005 година, кога го поништи водството на Милан од 3:0, го шокираше светот, а на победата веројатно влијаеше тоа што се играше во Истанбул. „Чудото од Истанбул“ едноставно не можеше да се создаде никаде на друго место.
Овој град во себе носи нешто примамливо, непредвидливо и мистериозно. Ова е резултат на богато историско наследство, неверојатна географска локација или само ветер од Босфор. Орхан Памук напиша за тоа, можете да го видите кога ќе застанете на Цариградски хиподром, помеѓу Сината џамија и Света Софија, можете да го почувствувате во Галатапорт, каде старото и новото се најтесно испреплетени.
Македонски деликатеси: Што сакаат да јадат странците?
За вкусовите не треба да се дебатира, но истражувавме што љубителите на храна од различни страни на светот мислат за македонската кујна и кои јадења ги сметаат за најдобри. Откако „Тејст атлас“ (Taste Atlas) го прогласи македонскиот ајвар за најдобра закуска во светот за 2023 година и тоа во конкуренција на јадења не само од регионот Адрија, туку и од Хаити, Јужна Африка и Ел Салвадор, странските туристи уште повеќе се заинтересираа за традиционалните рецепти од нашето поднебје.
Истиот онлајн водич подоцна објави листа со 35 најдобро рангирани македонски специјалитети и според корисниците на оваа платформа зелникот е убедливо највкусното македонско јадење. Станува збор за традиционален рецепт од тенки слоеви на кори, полнети со сирење, јајца, праз, киселец или мелено месо.
Најголем пад на француските обврзници по пандемијата
Француските обврзници паднаа најмногу од времето на пандемијата, бидејќи се шират гласини за иднината на претседателот Емануел Макрон по неговата одлука да распише предвремени избори. Некои учесници на пазарот шпекулираа дека Макрон се подготвува да ја објави својата оставка, по што стигна демант од извор близок до претседателот. Францускиот претседател треба да одржи прес-конференција во среда за да ја претстави својата кампања, вели изворот.
Приносот на 10-годишната обврзница, позната како OAT, скокна за осум базични поени на 3,31 отсто, што ја става на вистинскиот пат до својата најголема дводневна добивка од март 2020 година. Распродажбата го прошири распонот со еквивалентните германски обврзници на 64 основни поени, најмногу од октомври минатата година.
ЕЦБ сè уште не може да прогласи победа над инфлацијата
Битката на Европската централна банка да ја стави инфлацијата под контрола не е завршена, според членот на Управниот совет Гедиминас Симкус.„Рано е да се подигне знамето за победа“, изјави во вторникот во Вилнус шефот на литванската централна банка.
Сепак, тој рече дека минатонеделното намалување на трошоците за задолжување од страна на ЕЦБ укажува на „значаен чекор напред“ во ограничувањето на порастот на потрошувачките цени. Дополнително монетарно олеснување веројатно ќе следи сè додека инфлацијата продолжува да се движи кон целта од 2 отсто, рече тој.