Цените на мало во јуни годинава пораснале во однос на лани за 4,1 отсто. Инфлацијата бележи раст од 3,2 отсто. Ова е забавување во однос на минатиот месец, но и натаму процентот е повисок од просекот во еврозоната.
Добро утро, ова се најважните вести за почеток на денот.
Зелена енергија или технологија: Анализираме во што да се вложи
Вештачката интелигенција или зелената транзиција – што носи поголем профит сега, но и во иднина? Прашањето е уште поважно ако се земе предвид дека и во двата случаи главната улога ја имаат полупроводниците.
Ако се игра правилно, годишен приход од околу 60 милијарди долари може да се претвори во бизнис вреден над три трилиони американски долари, но истовремено истиот годишен приход може да се претвори во бизнис вреден 44 милијарди долари. „Блумберг Адрија“ ги праша домашните експерти што мислат на оваа тема. Дали сегашниот раст на „Енвидија“ ќе потрае на долг рок и обратно дали ова затишје кај компаниите кои произведуваат соларни панели значи дека овој сектор веќе го достигнал врвот претходно?
Македонски паметни очила препознаваат емоции: На кој начин работат?
Македонски научници од Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје создадоа паметни очила со кои може да се детектира расположението кај луѓето. Овој иновативен безжичен уред користи оптички сензори, а универзитетскиот професор и иноватор д-р Христијан Ѓорески ни раскажа како функционира тој и на кој начин се добиваат податоците.
„Изразите на лицето се создаваат од контракциите на мускулите на лицето. Очилата OCOsense, опремени со сопственички сензори за OCO-оптомиографија (OMG), ги мерат малите промени во мускулното активирање со земање примероци до 6.000 пати во секунда. Оваа иновативна технологија им овозможува на очилата да детектираат суптилни изрази на лицето, движења на вилицата и емоционални реакции во реално време“, открива тој за „Блумберг Адрија“.
Откријте ја технологијата што ги напојува Тејлор Свифт, „Нетфликс“ и „Сфир“
Кога рок-бендот „Фиш“ (Phish) ја започна својата песна од 2004 година „A Song I Heard the Ocean Sing“ во април на „Сфир“ (Sphere), повеќе од 18.000 обожаватели гледаа со отворена уста додека квартетот од Вермонт свиреше среде коралниот гребен.
Рибите пливаа од едната до другата страна на сцената меѓу џиновски пулсирачки медузи, додека целата купола беше трансформирана во хипнотизирачко подводно искуство. Човечки тела се нишаа во водата среде треперливите црвени и зелени блесоци. Од морското дно никнаа високи растенија. Сцената беше само еден од десетиците визуелни прикази внатре и надвор од осветлената купола во Лас Вегас вредна 2,3 милијарди долари, најпознатото концертно место во светот.
Унгарија ги зголемува даноците за банките за да го полни буџетот
Унгарија објави дека ќе воведе нови даноци за банките и ги отфрли плановите за намалување на данокот на неочекувани добивки (еднократен додаток што се наплаќа на компанија или индустрија кои имаат големи и неочекувани профити) за целните индустрии, бидејќи новите податоци покажаа дека буџетскиот дефицит дополнително се зголемува.
Акциите на „ОТП Банк“ (OTP Bank Nyrt.) паднаа за дури 2,2 отсто, а форинтата се лизна за 0,4 отсто во однос на еврото, откако министерот Гергели Гуљас рече дека Унгарија ќе воведе данок на девизните тргувања на банките и ќе го зголеми данокот за трансакции.
Моди со Путин, а Орбан ненајавен во Пекинг
Индискиот премиер Нарендра Моди во понеделник во Москва ќе се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин, што е негова прва посета на Кремљ по инвазијата на Украина. Тоа е, исто така, прва билатерална посета на индискиот премиер во странство, откако тој беше реизбран по трет мандат по ред во јуни. Во важна, инаку ненајавена посета е и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој патувањето во Кина го опиша како „мировна мисија 3.0“.
Во Москва, Моди ќе зборува за развојот на „традиционално пријателските односи меѓу Русија и Индија“ и ќе разговара со рускиот лидер за актуелни прашања поврзани со меѓународните агенди, објави Кремљ минатата недела, пренесе „ЦНБС“ (CNBC).