Дали вашиот часовник добива или губи вредност? Бојата на неговата рамка - прстенот околу лицето на часовникот - може да биде пресудна.
Индексот Bloomberg Subdial Watch покажува дека два модела на „Ролекс“ (Rolex) се разликуваат по цена на секундарниот пазар, иако нивната единствена разлика е шемата на бои.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Американец осуден за „оперирање“ во изнајмени банкарски сефови во Македонија
Федерална порота на судот во Бруклин, САД минатата недела го осуди Алекс Левин, жител на Њујорк за перење пари и за кражби вредни милиони долари од изнајмени сефови во банки во Македонија, Украина, Русија, Молдавија, Латвија, Узбекистан и Азербејџан.
Во информацијата објавена на терминалот на „Блумберг“ се цитира соопштението од американското Министерство за правда во кое се вели дека Левин бил член на група која таргетирала странски банки за да вршат кражби од клиенти кои имале изнајмени сефови.
Јавните финансии неодржливи без нови задолжувања
На аукција на државни записи закажана за утре (30 јули), Владата ќе бара заем од 2,5 милијарди денари (40,6 милиони евра). На аукцијата ќе се понудат едногодишни државни записи со каматна стапка од 3,8 проценти.
Од Министерството за финансии во проспектот за аукцијата информираат дека износот на државни хартии од вредност што достасува за исплата во јули годинава е 6,9 милијарди денари (113 милиони евра).
Утрешната аукција ќе биде трето задолжување на Владата преку издавање државни хартии од вредност овој месец.
Влезот на нови играчи ќе ја размрда малопродажбата во Македонија
Нашите аналитичари посочуваат дека во Македонија има зголемување на трговијата на мало, но цифрите од 2024 година се сè уште слаби и едвај доволни за да се надмине 2023 година.
„Македонија досега забележа висок пораст на платите во 2024 година (+11 проценти реален раст годишно во периодот јануари-мај 2024 година), но потрошувачкиот потенцијал не се прелеа во трговијата на мало. Главната пречка беше помалата склоност на потрошувачите да трошат“, велат аналитичарите.
Тие додаваат дека високата инфлација го зема својот „данок“ бидејќи цените на храната пораснаа во 2022 и 2023 година, а околу 37 проценти од потрошувачката кошница се однесува на храна.
Фед ќе ја задржи каматата на исто ниво
На овонеделната седница очекуваме продолжување на комуникацијата на Фед „водена од податоци“, а со тоа гледаме и задржување на сегашните лимити на референтната каматна стапка, велат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Од таму велат дека неодамнешните податоци се‘ уште не се доволно добри за да се започне со намалување на каматните стапки.
Пазарот на трудот, растот на платата на час како и инфлацијата која сè уште е над „магичните“ два процента се клучните причини поради кои нашите налитичари очекуваат каматните стапки да останат во мирување оваа недела.
Во Охрид е направен хуманоиден робот
Во соработка со инженери и други експерти од областа, универзитетскиот професор Анис Сефиданис го направи првиот македонски хуманоиден робот. Овој уникатен производ, очекувано, го привлече вниманието на јавноста, па го побаравме Сефиданис да ни раскаже како течело создавањето на овој изум и кои му се клучните карактеристики.
„Хуманоидот претставува робот со антропоморфна форма, кој има цел да биде интегриран во социјално сценарио, каде што наедно ќе емулира физички и когнитивни способности и ќе може да соработува со луѓето во секојдневните активности“, ни појасни на почетокот д-р Сефиданис, кој за „Блумберг Адрија“ открива детали за роботот, кој и во димензиите потсетува на човек.
Роботот е изработен од метал и пластика и користени се 3Д-печатачи и ЦНЦ (CNC) машина. Врз роботот има и облека креирана специјално за него, но изработена од материјали подобни и за човекот. Колекцијата симболично насловена „За луѓе и роботи“ е дело на дипломираната модна дизајнерка Ана Митреска.