Федералните резерви на Соединетите Американски Држави одлучија да не ги менуваат каматните стапки за задолжување во земјата и на состанокот во јули, па каматните стапки во САД повторно останаа на највисоко ниво во последните 23 години.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Македонија не го користи потенцијалот: Пад на органското производство
Македонија, земја со богата земјоделска традиција и поволни услови за одгледување различни култури, сè уште не успева да направи значителен премин кон органско производство. И покрај зголемената глобална свест за здравствените и еколошките придобивки од органската храна, бројот на органски производители во земјава останува релативно низок. Интересот меѓу производителите на храна е многу мал, а за тоа говорат податоците од Државниот завод за статистика, според кои заклучно со 2023 година во цела држава имало само 888 субјекти што се занимаваат со органско производство.
Вкупната површина со растително органско производство на територијата на земјава изнесува 4.215 хектари, што е незначително во однос на вкупните обработливи земјоделски површини во земјава, кои изнесуваат околу 514.000 хектари. Од вкупната површина со растително органско производство, 1.475 хектари се површини на органско производство во премин.
Македонските банки ги зголемуваат каматите на кредитите и депозитите
Во јуни 2024 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,47 проценти и забележа месечен пад од 0,02 п.п., при годишно зголемување од 0,35 п.п, соопшти Народната банка. Просечната каматна стапка на вкупните депозити е зголемена на месечна и на годишна основа за 0,02 п.п. и 0,48 п.п., соодветно и изнесува 1,88 проценти.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во јуни, изнесува 5,08 проценти и забележа месечно и годишно намалување од 0,11 п.п. и 0,18 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити е повисока за 0,16 п.п. на месечно ниво и изнесува 2,52 проценти, при годишен пад од 0,18 п.п.
„Стандард и пурс“ го задржа кредитниот рејтинг на Македонија на ББ- со стабилни изгледи
Македонската економија во 2024 година се очекува да забрза до ниво од 2,5 проценти и да достигне три проценти до 2027 година, јавниот долг да остане умерен и да се стабилизира на 57 проценти од БДП до 2027 година, констатира агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и пурс“ во најновиот извештај со кој земјата го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилни изгледи.
Буџетскиот дефицит за годинава е ревидиран на 4,9 проценти и се очекува од 2025 година да се зајакнат напорите за фискална консолидација согласно Законот за буџети.
Инфлацијата во еврозоната забележа изненадувачки раст, нова главоболка за ЕЦБ
Инфлацијата во еврозоната неочекувано забрза, исход што може да ја направи Европската централна банка повнимателна во однос на дополнителното намалување на каматните стапки. Потрошувачките цени се зголемија за 2,6 проценти во јули во однос на истиот месец претходната година, објави денеска Евростат. Тоа го надмина резултатот од 2,5 отсто во јуни, што беше и средна проценка на аналитичарите во истражувањето на „Блумберг“.
Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните компоненти како храната и енергијата, се задржа на 2,9 проценти трет месец по ред. Економистите прогнозираа мало забавување.
Русија под притисок на санкциите брза да ги легализира криптовалутите
Пратениците во Долниот дом на парламентот, Државната Дума, во вторникот усвоија предлог-закон за криптовалути, како и посебна легислатива со која се регулира рударењето крипто. Законодавството има цел да ги отвори прекуграничните плаќања за криптовалути под регулација на централната банка во потег што креаторите на политиката го нарекоа експеримент.
Нацрт-законите се очекува да добијат брзо одобрување од сенаторите во Советот на Федерацијата пред да бидат потпишани од претседателот Владимир Путин за да стапат во сила на 1 септември, според Анатолиј Аксаков, шеф на Комитетот за финансиски пазар на Думата.