Концертите на Тејлор Свифт планирани за неделава во Виена се откажани откако австриската полиција уапси две лица под сомнение дека планирале терористички напад.
Концертите на американската поп-мегаѕвезда беа откажани откако австриската влада потврди за планиран терористички напад на стадионот „Ернст Хапел“, објави организаторот на концертот „Баракуда мјузик“ (Barracuda Music) на својата веб-страница. Владиниот портпарол изјави дека одлуката ја донел организаторот.
Пејачката и текстописка требаше да одржи три концерти во Виена како дел од својата турнеја „Ерас“ (Eras Tour) в четврток, петок и сабота, пред последните европски настапи од турнејата во Лондон.
Полицијата уапсила 19-годишен австриски државјанин во Терниц, Долна Австрија, во средата наутро, под сомнение дека планирал напади на масовни настани во Виена, изјави за новинарите генералниот директор за јавна безбедност при австриското МВР, Франц Руф. Неименуваното лице било радикализирано од Исламската држава и се фокусирало на концертите на Тејлор Свифт како потенцијална цел, додаде тој.
Службениците пронашле хемиски супстанци во неговиот дом, а подоцна привеле уште едно лице во Виена.
Австриските власти во последниве години уапсија голем број луѓе поврзани со исламистички и екстремно десничарски групи, иако терористичките инциденти беа ретки. Во 2020 година вооружен маж уби четворица и рани повеќе од десетмина во напад за кој одговорноста ја презема Исламската држава.
Дополнување: Повеќе медиуми пренесоа вест дека осомничениот уапсен во Терниц бил по потекло од Македонија.
19-годишникoт, како што објавуваат австриските медиуми е со потекло од Македонија. Се трага по уште три лица, пренесе Медиумската информативна агенција (МИА).
Руф, го опишал 19-годишниот уапсен во Терниц како „непосреден главен сторител“, додека второто уапсено лице е на возраст од 17 години, пренесе Австриската новинска агенција – АПА.
При вчерашниот претрес на куќа запленети се повеќе хемиски супстанци и технички средства. Тие сега ќе се вештачат. Според Руф, пред само неколку недели, осомничениот дал заклетва за лојалност кон актуелниот водач на терористичката Исламска држава преку интернет.
„Двајцата уапсени се родени во Австрија, родителите на 19-годишникот имаат корени од Северна Македонија, а мајката на 17-годишната е Австријка“, изјави генералниот директор за јавна безбедност.