Геополитичките тензии како да се интензивираат. Зеленски побара дозвола од сојузните за да навлезе подлабоко на руска територија. Москва возвраќа на нападот и викендов напаѓаше во близина на Киев загинаа две лица, татко и четиригодишно дете. И двете земји вршат евакуација во пограничните области.
На Блискиот Исток, во саботата во израелски напад врз училиште во Газа загинаа околу 100 лица. Израелските власти соопштија дека целеле на милитанти на Хамас кои оперирале со команден центар сместен во училиштето и презеле мерки за намалување на ризиците по цивилното население. Иран уште еднаш вети дека ќе го казни Израел на легитимен и решителен начин.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои треба да ги знаете за почеток на денот.
Светот се менува, но работниците се заглавени меѓу денес и утре
Вештачката интелигенција значително ги забрза промените на пазарот на труд, а работници тоа веќе го чувствуваат, покажува најновото глобално истражување за надежите и стравовите на работната сила на „Прајсвотерхаускуперс“ (ПвЦ – PwC).
Истражувањето дава мешана слика. Повеќе од половина од работниците чувствуваат дека премногу промени им се случуваат одеднаш на работните места, а 44 отсто не разбираат зошто работите треба да се променат баш сега.
Дали автомобилската револуција ќе ги изеде своите деца?
Глетката на неколку стотици левичарски активисти, опремени со сини капи, маски и знамиња, кои упаднаа во фабриката за автомобили „Тесла“ недалеку од Берлин изгледаше како сцена од филм за апокалиптична верзија на револуцијата. Полицијата со употреба на солзавец се обиде да ги задржи неистомислениците што протестираа поради проширувањето на мегафабриката, што ѝ успеа.
Единствената фабрика на „Тесла“ на европско тло, во која работат околу 12.000 луѓе, не престана со работа на почетокот на мај. Два месеца претходно друга група на радикални левичари успеа да ја оневозможи трансформаторската станица што ја снабдува гигафабриката со струја.
Помалите производители на електрични батерии во Кина се пред затворање
Кинеските производители на електрични батерии се соочуваат со уште една тешка година поради хиперпродукцијата, слабата побарувачка и падот на цените, покажуваат податоците на „Блумберг НЕФ“.
Со оглед на тоа што двата најголеми производители, „Контемпорару Амперекс Технолоџи“ и БЈД, заедно сочинуваат повеќе од 50 отсто од пазарот, помалите конкуренти се изложени на поголем ризик да го намалат, одложат или дури и откажат производството во нивните фабрики, со оглед на ниските стапки на искористеност низ синџирот на снабдување, стои во извештајот на БНЕФ објавен неделава.
Инфлацијата ги намали разводите во Британија, во Македонија се во пораст
Разводите во Англија и Велс се на најниско ниво од 1971 година, според одделни бројки објавени претходно оваа година. Бројот на разводи падна за 30 отсто на годишно ниво на 80.057 во 2022 година.
За разлика од Обединетото кралство, во Македонија разводите растат. Според податоците на Заводот за статистика, лани бројот на разводи забележал раст од близу 10 отсто споредено со 2022 година.
Златните медали годинава се највредни досега
Олимписките златни медали на овогодишните игри во Париз вредат повеќе од кога било, а суровините од кои се направени имаат потенцијал да достигнат по околу 900 долари.
Медалите содржат шест грама злато, чија цена скокна на рекордно ниво во средината на јули благодарение на купувањата на централните банки, интересот од населението во Кина и очекувањата поврзани со олабавувањето на монетарната политика на САД.