Цената на струјата во Македонија и во регионот на Југоисточна Европа е повисока отколку во Западна Европа, потврди вчера Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ) кој по барање на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, подготви анализа во која се забележуваат причините за големата разлика во цените на струјата од земја до земја.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Расте задолженоста: Третина од македонските компании во загуба
Стапката на задолженост на корпоративниот сектор во Македонија лани се зголеми до нивото од 70,6 проценти од БДП (наспроти 69,8 проценти во претходната година), и натаму е под изведениот праг на ранливост, но го надминува просекот на задолженоста во изминатиот десетгодишен период, откриваат податоците на Народната банка објавени во новиот извештај за финансиска стабилност.
Со оглед на тоа што лани со загуба работеле 31,5 проценти од вкупниот број субјекти од корпоративниот сектор (наспроти 31,9 проценти во претходната година) прашавме какви се трендовите со задолженоста на македонските компании во 2024 година и како релаксирањето на монетарната политика би можело да влијае врз стапката на задолженост и врз резултатите на корпоративниот сектор. Од Народната банка информираат дека стапката на задолженост на корпоративниот сектор расте и во првата половина од 2024 година.
Пониските камати и зелената агенда ќе го зголемат глобалниот долг
Глобалниот долг заклучно со јуни годинава достигна нов загрижувачки рекорд од 312 трилиони долари и се позиционираше меѓу 327 и 328 отсто од глобалниот БДП. Според податоците на Институтот за меѓународни финансии (ИИФ), за шест месеци од 2024 година тој се зголеми за 2,1 трилиони долари. И во земјите во развој заедничкиот долг на домаќинствата, приватниот сектор и државата достигнува рекордни размери.
Како процент од БДП сега изнесува 245 отсто, а во периодот од пандемијата досега е зголемен за 25 процентни поени. Рекордното ниво на светскиот долг е резултат на зголемувањето на долгот на САД и Кина, додека во исто време во Европа се забележува одредена консолидација и намалување, вели во изјава за „Блумберг Адрија“ универзитетскиот професор Марјан Петрески.
ББА-коментар: Како кинеските стимулации ќе влијаат врз цената на нафтата
Кинеската централна банка започна нова рунда стимулации со монетарно квантитативно олеснување за да го поттикне економскиот раст до целта од околу пет отсто. Со намалување на задолжителната резерва на банките во економијата влегуваат дополнителни 142 милијарди долари. Исто така, се намалува и репо-стапката, како и каматните стапки на постојните станбени кредити за 0,5 процентни поени.
Денеска анализираме дали монетарната политика на Кина без дополнително вклучување на фискалната политика може да има значително влијание врз растот на цената на нафтата. Новиот кинески стимул нема ефект врз нафтениот пазар, односно врз растот на цената на нафтата. Имено, кинеското производство вегетира, што во комбинација со високиот увоз на нафта од Русија (околу 18 отсто од вкупните потреби) не влијае на глобалниот пораст на цената на нафтата.
Казакс од ЕЦБ предвидува намалување на стапките и овој месец
Европската централна банка (ЕЦБ) најверојатно ќе ги намали трошоците за задолжување месецов и ќе продолжи да ги намалува и подоцна, изјави членот на Управниот совет на ЕЦБ, Мартинс Казакс. Тој додава дека некои од инвеститорите и економистите сè уште имаат нереални очекувања. „Ќе разговараме и ќе одлучиме за тоа кога ќе се состанеме, а дотогаш ќе добиеме повеќе информации. Сепак, последните податоци покажуваат дека треба да размислуваме за намалување на стапките“, рече летонскиот централен банкар во интервју во Рига. „Ризиците за економскиот раст се поизразени“, додаде банкарот.
Иако смета дека каматите ќе продолжат да паѓаат и по октомври, тој рече дека сепак е преоптимистички да се очекува драстичен пад на стапките. „Би ги предупредил пазарите да не трчаат пред рудата во однос на економската состојба како што направија на крајот на минатата година“, рече Казакс. Коментарите на Казакс се првите пораки од банкарот со поагресивен став, бидејќи лошите податоци за економскиот раст и извештајот за инфлацијата ги убедија пазарите дека ЕЦБ ќе реагира побрзо отколку што се мислеше.
„Опен еј-ај“ дозволува неговиот гласовен асистент да се користи и во други апликации
„Опен еј-ај“ (OpenAI) им овозможува на бизнисите и на програмерите да го вклучат неговиот гласовен асистент во реално време во своите апликации, трасирајќи пат за повеќе корисници да имаат реалистични разговори со вештачка интелигенција за широк спектар на задачи. Оваа функција, која е слична на најновиот гласовен асистент достапен за корисниците што плаќаат за ЧетГПТ (ChatGPT), е достапна од вторникот за оние што создаваат апликации и услуги со програмскиот интерфејс на „Опен еј-ај“.
Бизнисите ќе можат да развиваат софтвер како гласовен бот за корисничка поддршка или апликација за патување што врши телефонски повици во име на корисникот, објави компанијата. Некои компании веќе го тестираат новиот гласовен капацитет, вклучувајќи ги апликацијата за здравствени совети „Хелтифај“ (Healthify) и апликацијата за учење јазици „Спик“ (Speak).