ПОЛИТИКА
Макрон го поддржа воведувањето даноци за најголемите компании во Франција
Францускиот претседател Емануел Макрон го поддржа воведувањето привремен данок за најголемите компании во земјата, давајќи зелено светло за стратегијата на новата влада. Интересно е што оваа одлука отстапува од неговата долгогодишна бизнис-позиција, пишува „Блумберг“. Француската влада во средата ги претстави плановите за намалување на трошоците во износ од околу 60 милијарди евра, но и за зголемување на даноците од следната година. Целта е да се спречи растечкиот буџетски дефицит и да се зајакне довербата на инвеститорите во економијата на земјата. Нешто помалку од 20 милијарди евра ќе се генерираат преку зголемување на државните приходи, заедно со планираното зголемување на даноците за богатите поединци и големите компании, како и зелените даноци.
Бајден го повика Израел да се откаже од нападот на иранските нуклеарни постројки
Американскиот претседател Џо Бајден го повика Израел да се воздржи од напади врз иранските нуклеарни постројки како одмазда за серијата ирански ракетни напади неделава. Запрашан дали би поддржал таков одговор од Израел, на кој повикаа некои израелски политичари, Бајден рече дека неговиот одговор е „не“. Тој рече дека е подготвен да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додека Групата седум земји планира заеднички изјави во обид да спречи понатамошна ескалација.
Коментарите на Бајден се нов обид на САД да го зауздат Израел, меѓутоа годинава тие често не успеваат да го сторат тоа. Израел ги избегнува повиците на Вашингтон за прекин на огнот во Газа и во средата ја продолжи копнената офанзива против Хезболах во јужен Либан и покрај притисокот на САД за деескалација на конфликтот на тој фронт.
БИЗНИС
„Опен еј-ај“ (OpenAI) продолжува да собира пари, вредноста на компанијата скокна на 157 милијарди долари
На корпоративен план, „Опен еј-ај“ собра 6,6 милијарди долари во новиот круг на финансирање, со што вредноста на компанијата за вештачка интелигенција достигна 157 милијарди долари. Новиот круг на финансирање беше предводен од фирмата на Џош Кушнер, „Трајв капитал“ (VC Thrive Capital), која инвестираше 1,3 милијарда долари. „Мајкрософт“, најголемиот инвеститор во „Опен еј-ај“, инвестираше околу 750 милиони долари, покрај 13 милијарди долари што веќе ги вложи во стартапот.
„Тесла“ (Tesla) го забележа првото зголемување во продажбата на возила
„Тесла“ го забележа првото зголемување на кварталната продажба на возила годинава, иако донекаде ги разочара инвеститорите што очекуваа поголем раст на продажбата во Кина. Па така, „Тесла“ им испорача повеќе од 460.000 возила на клиентите во третиот квартал, што е за 6,4 отсто повеќе од претходната година.
„Тесла“ овој квартал доби помош од кинеската влада, која ги удвои стимулациите за потрошувачите да тргуваат со постари автомобили за електрични модели, зголемувајќи ја побарувачката на најголемиот светски пазар на електрични возила.
БЕРЗА
Европа
Фјучерсите на европските индекси утринава се тргуваат мешано пред објавувањето на PMI на еврозоната. Европските индекси мешано го затворија вчерашното тргување, а на трговците им пречи натамошната ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.
Stoxx 600 забележа мал пораст од 0,05 отсто во средата, исто како и индексот CAC 40. Лош ден имаше и франкфуртскиот DAX, кој се намали за 0,25 отсто. И мадридскиот IBEX 35 денот го заврши во црвено, со пад од 0,55 отсто. Референтниот индекс на лондонската берза FTSE 100 порасна за 0,17 отсто.
САД
Фјучерсите на американскиот индекс се тргуваа главно пониско откако најновите податоци за вработеноста ја намалија довербата дека следното намалување на каматните стапки на Фед ќе биде значително. Имено, американските компании минатиот месец отворија повеќе работни места од очекуваното, што е во спротивност со другите показатели, кои укажуваа на забавување на пазарот на трудот. Од друга страна, извршниот директор на „Аполо глобал менаџмент“ вели дека не гледа причина за дополнителни намалувања по намалувањето на каматната стапка за 50 базични поени во септември.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие флуктуираат помеѓу добивки и загуби. Акциите во Хонгконг паднаа, запирајќи го двонеделниот раст поттикнат од новата рунда кинески економски стимулации. Од друга страна, јапонските акции пораснаа по дополнителното слабеење на јенот.