Обилните врнежи во последните 24 часа предизвикаа хаос во општините Јабланица, Коњиц, Кисељак и Крешево во Босна и Херцеговина, каде што се поплавени станбени објекти, а сообраќајните и комуникациските врски се во прекин. Граѓаните се во паника поради влегувањето на водата во приземните простории, додека бројот на повредени, исчезнати и загрозени лица се зголемува.
Претседателството на БиХ на вонредна седница едногласно одлучи за ангажирање на вооружените сили на БиХ во општината Јабланица. Итно се активирани инженерските единици, спасувачките екипи и хеликоптерите за помош на цивилните власти во реакцијата на обилните поплави и свлечишта.
Дарко Јука, шеф на Одделот за односи со јавноста на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон, извести за стабилизација на ситуацијата на теренот, но состојбата во Долна Јабланица сè уште е критична бидејќи областа е отсечена од светот. Уништени се патниот сообраќај и мостови на реката Дрежанка. Коњиц е исто така изолиран, а евакуацијата на настраданите се врши со чамци на вооружените сили на БиХ и цивилната заштита.
Досега се потврдени 14 смртни случаи, а има многу пријави за исчезнати лица.
„Точниот број сè уште не го знаеме. Не се сеќавам на ваква криза од војната; размерите на оваа хаотична ситуација се застрашувачки“, рече Јука.
Јука предупреди на лошите прогнози за претстојниот викенд: „Ситуацијата останува многу сериозна. Луѓето мора да ја разберат драматичноста на ситуацијата“.
Се случи одрон на пруга
Прекинати се сите патни комуникации меѓу Јабланица и околните места (Мостар, Рисовац, Прозор, Коњиц), додека во Острошец се случил одрон на пругата. Дел од населбата Бутуровиќ Поле е отсечен од главниот пат, што дополнително го отежнува пристапот до настраданите граѓани.
На терен се ангажирани пожарникари, полиција, комунални претпријатија и приватни фирми со механизација, но надлежните предупредуваат дека е потребна дополнителна помош за да се стави ситуацијата под контрола. Планинската спасувачка служба Јабланица ги повикува локалните жители да се вклучат во спасувачките акции, предупредувајќи дека поројните води ги поплавиле патиштата и дека движењето по улиците претставува голема опасност.
Во Коњиц на вонредна седница на Градскиот штаб за цивилна заштита е прогласена состојба на природна непогода, додека евакуацијата на населението од загрозените подрачја продолжува.
На возачите им се советува максимална претпазливост поради честите одрони на главните патишта, вклучувајќи ги магистралните патишта Јабланица - Мостар, Јабланица - Прозор и Коњиц - Јабланица.
Премиерот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ, се огласи по повод поплавите. „Сите надлежни и интервентни екипи се мобилизирани од раните утрински часови. Тие успеаја да евакуираат одреден број граѓани што беа заробени од водата во нивните домови, а продолжуваат да ги обиколуваат погодените подрачја за да спасат луѓе и да им понудат помош. Во текот на денот очекуваме дополнителна помош“, нагласи Никшиќ.
Критична ситуација и во други подрачја
Во сливовите на реките Уна, Сана и Саница е прогласена вонредна хидролошка состојба поради порастот на водостојот од врнежите. Излевање на вода е забележано на реката Саница, а поројни поплави на водотеците од втора категорија на реките Лепеница и Крешевка и на Фојничка Река.
Иако се очекува врнежите да запрат, за време на викендот може да дојде до мал пораст на водостојот. Се очекува смирување на ситуацијата во текот на денот. Водостојот на реката Сава ќе расте, но нема да достигне нивоа што бараат редовна одбрана од поплави. Агенцијата за водно подрачје на реката Сава ќе ја информира јавноста за значајни промени во временските услови.
Во меѓувреме, катастрофални сцени се забележани кај Тарчин, каде што водата урна мостови, поплави куќи и целосно го отсече селото. Спасувачките екипи работат на процена на штетите и давање помош на оние на кои им е најпотребна.
Метеорологот Недим Сладиќ изјави дека ситуацијата се смирува, но нема да биде целосно стабилна, особено в сабота, кога се можни локални поројни дождови. Сепак, тие дождови нема да предизвикаат поголеми проблеми. Од недела се очекува постепена стабилизација на времето, а в понеделник претежно сончево. Средината на неделата носи нова промена на времето, чии детали сè уште не се јасни.