Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека во вторник ќе изврши напади врз електрани и мостови во Иран, повторувајќи ја заканата за удари врз цивилна инфраструктура доколку не се отвори Ормускиот теснец.
Во објава на социјалните мрежи во неделата наутро, исполнета со остар речник и вулгарни зборови, Трамп порача дека Иран ќе се соочи со „пекол“ ако поморскиот пат не биде отворен за сообраќај.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Како да се избегнат скапите грешки на „value“ инвеститорите?
Од почетокот на војната во Иран, видовме големи корекции и кај американските и кај европските компании. Во моментов, милиони инвеститори гледаат во своите екрани во црвено и го поставуваат истото прашање: Дали ова е пад што треба да се купи? Кога акциите паѓаат толку брзо, инстинктот е да се бараат можности. Цената што беше повисока минатата недела сега се чувствува како попуст, а тој импулс има име.
Купувањето акција во слободен пад се нарекува „фаќање на ножот што паѓа“ (од англиски: falling knife) , а инвеститорите што го прават тоа обично не се коцкари. Тие се „value“ инвеститори кои искрено веруваат дека пронашле можност. Разликата помеѓу паметно купување и скапи грешки се сведува на една вештина: препознавање дали пазарот паничи поради насловите или всушност вградува вистински проблем во цените. Во нашата статија, ви покажуваме како да ја препознаете разликата помеѓу двете.
Пониски акцизи за горивата
Дизелот ќе се намали за 4 денари по литар, а безоловните бензини од 95 и 98 октани за 2 денара по литар, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, врз основа на владината одлука за намалување на акцизите на горивата.
На вчерашната вонредна седница, Владата исто така ја продолжи намалената стапка на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто до крајот на кризната состојба, која ќе истече на 20 април.
Исто така, се одржале преговори со компанијата „Окта“, која се согласила да го продолжи попустот до крајот на април: 3 денари по литар за дизелот и дополнителни 2 денара по литар за безоловните бензини.
ЧетГПТ може да се претвори во моќна рекламна машина
Најавите дека четбот-платформите воведуваат реклами означуваат можна пресвртница во користењето на вештачката интелигенција како масовна услуга. На пример, компанијата „Опен еј-ај“ (OpenAI) започна со објавување реклами во најпопуларниот четбот ЧетГПТ (ChatGPT) на 9 февруари годинава, како дел од тест-фаза.
Ова претставува голема промена бидејќи досега корисничкото искуство, дури и за оние со пониски претплати, беше релативно едноставно: разговор без визуелни прекини, без спонзорирани објави и без комерцијални интервенции во самата комуникација. Тоа создаде впечаток дека овие системи функционираат како неутрални дигитални асистенти, фокусирани исклучиво на содржината од прашањето.
Со воведувањето реклами, се отвора дилема дали овој модел може да го задржи таквиот впечаток. Промената не би се однесувала само на изгледот на интерфејсот туку и на начинот на кој се гради односот меѓу корисникот и платформата.
„Луфтханза“ предупредува на ризик од недостиг на авионско гориво
Компанијата „Луфтханза“ предупреди на можни застои во достапноста на авионското гориво доколку конфликтот на Блискиот Исток прерасне во долготраен војна.
„Достапноста веќе е отежната на некои аеродроми во Азија“, изјави Грација Витадини, која го води секторот за технологија, информатички системи и иновации на „Луфтханза“, за германскиот весник „Велт“. „Колку подолго Ормускиот теснец остане блокиран, толку ситуацијата со снабдувањето може да стане критична.“
Европа е главен увозник на авионско гориво – вклучувајќи керозин – од Персискиот залив, при што испораките од тој регион сочинуваат околу половина од увозот на Европската Унија и Обединетото Кралство.
ММФ: Токенизираните финансии може да разгорат кризи
Насочувањето на трговската инфраструктура на Волстрит кон системи базирани на блокчејн може да ги забрза финансиските кризи пред можноста на регулаторите да реагираат, иако оваа технологија ветува намалување на трошоците и елиминирање на доцнењата при порамнување на трансакциите, предупредува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Токенизацијата – процес на претставување на средства како акции, обврзници и готовина како дигитални токени на заеднички дигитални книги – претставува структурна трансформација на финансиската архитектура, а не само маргинално подобрување на ефикасноста, наведува Тобијас Адријан од ММФ.
Технологијата овозможува побрзо извршување на трансакциите, но тоа што се смета за предност може да претставува и ризик. Според Адријан, кризите би можеле да се развиваат многу побрзо, оставајќи помалку време за интервенција на регулаторите. Досегашните доцнења во порамнувањето служат како „тампон-зона“ што им дава време на централните банки да реагираат во кризни ситуации.