Пред точно една година, лани на 7 октомври почна послендиот судир на Блискиот Исток кога милитантите предводени од Хамас убија околу 1.200 луѓе во напад врз Израел. Зедоа уште 250 заложници, од нив стотина се уште се затвореници, а за една третина од затворениците се верува дека се мртви.
Како одговор, Израел врши напади врз Појасот Газа, а отвори и нов фронт против Хезболах во Либан, исто така вети дека ќе го нападне Иран откако земјата минатата недела изврши напад со балистички проектили врз Израел. Милитантните групи сојузници со Иран пак, во Сирија, Ирак и Јемен, исто така, се приклучија на нападите против Израел.
Ова се останатите пет вести кои треба да ги знаете за почеток на денот.
Преглед на берзите: Повторно рекорди, акциите поминаа малку полошо од другите класи на средства
Минатонеделните настани на берзата главно беа обележани со ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток. Израелските одбранбени сили продолжија да ги гаѓаат позициите на милитантната група Хезболах во Либан, додека Иран во вторникот истрела околу 200 балистички проектили врз еврејската држава.
Сите овие движења се одразија на пазарите на суровини, а цените на акциите беа претежно во минус, со исклучок на кинеските индекси кои за една недела зајакнаа за повеќе од 10 отсто. Инвеститорите, сепак, беа зафатени од страв од пропуштање (англ. fear of missing out- FOMO).
Растат ризиците за саудиските акции поради конфликтот на Блискиот Исток
Саудиската берза се затресе по добрите резултати од летото, при што берзата во Ријад го доживеа својот најлош почеток на четвртиот квартал во последните години, бидејќи регионалните тензии растат.
Индексот Tadawul All Share Index изгуби 2,2 отсто во првите три дена од тргувањето во октомври, бидејќи Израел ја интензивираше својата кампања против Хезболах и размислува за одмазда за ракетните напади на Техеран. Додека индексот со месеци одолеваше на тензиите и слабите цени на нафтата, последниот пад ги збриша сите негови годишни добивки.
Германската економија ќе падне за 0,2 отсто, „Фолксваген“ се плаши од кинеска одмазда
Германската влада очекува националната економија да се намали за 0,2 отсто оваа година, објави „Суеддојче зајтунг“ пред официјалната процена да биде објавена во средата, без да го открие извозот на информацијата.
Ваквиот исход ќе значи втор годишен пад за најголемата европска економија.
Во истовреме, главниот извршен директор на „Фолгсваген“, Оливер Блуме, се надева на алтернативно решение за тарифите за кинеските електрични возила додека се подготвува за потенцијална одмазда од Пекинг, објави „Билд ам Сонтаг“.
„Можните казнени царини би биле особено ризични за германската автомобилска индустрија“, изјави Блуме за берлинскиот весник. „Би се соочиле со значителни проблеми на кинескиот пазар. И затоа ние сме јасно против ваквите нови правила“.
Аналитичарот на „Блумберг Адрија“, Илија Нешиќ во својот коментар пак пишува дека „Фолксваген“ моментално е подвижен билборд за колективните проблеми на европската автомобилска индустрија.
Колкав е финансискиот имот на македонските домаќинства: Глобалниот расте
Глобалните финансиски средства на приватните домаќинства забележале раст од 7,6 проценти во текот на минатата година, покажува се наведува во Извештајот за глобално богатство (Global Wealth Report 2024:Surprising relief) на „Алијанц“ (Allianz), германскиот осигурителен гигант, кој ги анализира средствата и долгот на домаќинствата во речиси 60 земји. Ова е сосема доволно, а и повеќе од тоа, да се надоместат загубите од претходната година (-3,5 проценти).
Иако Македонија не е опфатена во извештајот на „Алијанц“, од Извештајот за финансиска стабилност што го изработува Народната банка, може да се види дека во 2023 година финансиските средства на секторот домаќинства продолжиле да растат, и тоа побрзо во споредба со претходната година – раст од 9,8 проценти, наспроти 6,1 процент во 2022 година.
Зошто лековите за слабеење заработуваат милијарди
Дебелината е еден од најраспространетите здравствени проблеми за кои медицината со години нема многу ефикасни одговори, освен хируршки зафати. Затоа има толкава возбуда за новата група лекови што им помагаат на пациентите да изгубат десетици килограми со многу помал ризик, а на фармацевтските компании им носат приходи вредни милијарди.
Лудилото по овие лекови го привлекува вниманието на компании од различни области, како авиокомпании, центри за дијализа и големи трговски синџири, што предизвикува голема возбуда на берзите. Холивуд го промовираше „оземпик“ на данската компанија „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk A/S), кој таму веќе стана шега, а сега и американската компанија „Ели Лили“ (Eli Lilly & Co.) предизвика сензација со лекот „зепбаунд“. Следниот чекор се лекови за слабеење што се пијат наместо да се инјектираат. Некои лекари дури ги пропишуваат овие лекови за лекување на водечката причина за неплодност кај жените во САД.