Македонскиот државјанин Васко Саздовски (роден 1979) е меѓу 14 -те загинати лица во вчерашната несреќа во Нови Сад. Министерството за надворешни работи на Србија за ова ја информирало македонската амбасада во Белград, јави МИА.
Според информации на „Политика“, загинатиот бил научник кој работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Директорот на „Биосенс“, Владимир Црнојевиќ, ја потврди веста за „Политика“.
„Саздовски работеше во Центарот за сензорски технологии. Се вработи во водечка европска институција како искусен научник. Претходно имаше научна кариера“, изјави Црнојевиќ за весникот.
Идентификувани се 13 лица, а веднаш по идентификацијата биле известени нивните семејства, соопштија од Полициската управа во Нови Сад. Едно женско лице сè уште не е идентификувано, поради здобиените повреди, но се очекува наскоро да се утврди нејзиниот идентитет, соопштија од новосадската полиција.
Зошто падна настрешницата?
Во Србија е Ден на жалост, додека на територијата на Нови Сад и Војводина започна тридневна жалост.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека постои можност причината за несреќата во Нови Сад да е корозија на каблите на настрешницата, но дека одговорноста ќе ја утврди полицијата и обвинителството. Дачиќ во гостувањето на телевизија Прва рече дека каблите се стари повеќе од шеесет години и додаде дека полицијата и обвинителството ќе ги преземат сите неопходни активности за да се истражат причините за несреќата.
„Вчера беше важно да се спасат животи. Денеска ќе се сослушаат дваесетина луѓе. Нема да бегаме од утврдување одговорност“, рече Дачиќ во саботата. Тој додаде дека е неопходно да се разгледа документацијата која се однесува на реконструкцијата на Железничката станица.
Железничката станица неодамна беше реконструирана. Конзорциумот на кинески компании кои ја завршија работата, Железничката инфраструктура на Србија, како и владата на премиерот Милош Вучевиќ, преку министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ до претседателот на земјата Александар Вучиќ, во петокот тврдеа дека самата бетонска настрешница не била предмет на работата.
Министерот Весиќ во саботата наутро изјави дека се води истрага зошто натстрешницата не е вклучена во реконструкцијата и дека истрагата ќе покаже кој е одговорен за несреќата.
„Тоа што се случи е предмет на истрага, во тек е увид како паднала настрешницата. Ќе се утврди зошто настрешницата не била дел од планот за реконструкција и кој утврдил дека не е потребно да се реконструира“, рече Весиќ во сабота, гостување на Радио телевизија на Србија (РТС).
Тој потсети дека во проектот за реконструкција се вклучени Сообраќајниот институт ЦИП, кој го реализираше проектот, Железничката инфраструктура на Србија, која е одговорна за станицата, и кинески партнери.
Претседателот Вучиќ претходно најави дека ќе бара од Вишото јавно обвинителство и од Владата на Србија одговорните за падот на настрешницата од 1964 година да бидат кривично гонети и најстрого казнети. Ова ќе се бара и за лицата чија одговорност е што при реконструкцијата на зградата на таа станица не е опфатена настрешницата на влезот. Тој додаде дека бара од власта овие лица да сносат кривична, а потоа политичка.
„Неверојатно е 60 години таа настрешница да не била обновена. Дури и кога била реконструирана целата станица, настрешницата не била. Некој ќе треба да објасни зошто“, рече Вучиќ.