Минатиот викенд помина во знакот на големата несреќа во Србија. 14 лица загинаа откако врз нив се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад, меѓу нив и Македонецот Васко Саздовски, научник кој работел во институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Васко, роден 1979 година во Свети Николе, во петокот тргнал дома, во Македонија, кај своето семејство.
Истрагата е во тек. Викендов беа сослушани 30 – тина лица, меѓу нив и министерот за градежништво и директорите на институциите вклучени во реновирањето на станицата. Српските власти најавуваат и кривична и политичка одговорност.
Ова се петте вести кои се важни за почетокот на оваа работна недела.
Харис или Трамп – колку е тоа важно за Македонија?
Американските граѓани ќе бираат помеѓу демократката Камала Харис, актуелна потпретседателка на земјата, и републиканскиот кандидат Доналд Трамп којшто веќе истера еден претседателски мандат од 2016 до 202 година. Разговаравме со неколку познавачи на проблематиката, колкаво влијание ќе има победата на едниот или другиот кандидат врз македонските економско – политички прилики.
Генералниот заклучок е дека Македонија не е ниту Кина, ниту Русија или Северна Кореја, за да може исходот од американските избори да се анализира од аспект на билатерални односи, затоа што Балканот, а особено земјава, никогаш не ни биле на врвот на американските надворешно-политички приоритети. Промените во Вашингтон може да имаат индиректно влијание врз регионов, а со тоа и врз Македонија, ако се спроведе евентуално новиот концепт за ставање крај на руско-украинската војна, односно тоа што Трамп го ветува во својата кампања, улогата на НАТО алијансата во регионов и можниот развој околу решавањето на односите помеѓу Србија и Косово.
Кој губи во бескрајната трговска војна на Трамп? Тоа не е само Кина
Доналд Трамп за време на кампањата за претседателските избори во 2016 година вети дека ќе ја победи Кина. Кога стапи на должност, тој воведе низа царини и контроли на извозот без преседан во поновата историја. Во кампањата за изборите во 2024 година, држејќи се цврсто до стратегијата што носи гласови, Трамп ветува дека ќе оди уште подалеку, односно дека ќе воведе царини од 60 проценти на целиот увоз од Кина.
Не може да се каже дека Џо Бајден е љубител на Кина. Нови давачки за електрични возила, батерии и за соларни ќелии се додадени на царините воведени за време на Трамп. Целта на контролата на извозот е да се блокира пристапот на Кина до најсовремените полупроводници. Потпретседателката на САД, Камала Харис, сè уште треба да изнесе детален план за Кина, но продолжувањето на сличната политика изгледа како логичен чекор.
Нова анкета: Продолжува „мртвата трка“ меѓу Харис и Трамп
Потпретседателката Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп остануваат во мртва трка во клучните држави на два дена пред претседателските избори во САД, според анкетата на „Њујорк Тајмс/Сиена“ објавена вчера.
Истражувањето покажува дека Харис е тесно пред Трамп во Невада, Северна Каролина и Висконсин, додека републиканецот го задржа водството во Аризона и го избриша водството на Харис во Пенсилванија.
Преглед на берзите: „Фолксваген“ падна, „Интел“ ги надмина очекувањата
Во фокусот на учесниците на пазарот на капитал минатата недела во Европа беше „Фолксваген“, кој објави дека затвора дури три фабрики во Германија и заврши на последното место на листата на најпознати германски автомобилски компании по стапка на раст.
Истовремено, Европската унија одобри дополнителни царини од дури 35,3 отсто за електричните автомобили од Кина, покрај постојните царини од 10 отсто. Ова дополнително ги зголеми трговските тензии меѓу водечките светски извозни сили, но според „Блумберг“, ЕУ одлучила да испрати официјални претставници во Пекинг на дополнителни разговори.
Централните банки неделава ќе продолжат со намалување на каматните стапки
Фед и многу други централни банки во богатиот свет се очекува повторно да ги намалат каматните стапки наредната недела, веднаш по претседателските избори во САД, и покрај тоа што можеби нема да има одлука.
Централните банки одговорни за повеќе од една третина од глобалната економија ќе ги одредат трошоците за позајмување по гласањето, држејќи се до каква било сигурност што можат да ја забележат за веројатниот пат на американската политика во следните четири години.