„Скопски пазар“ ги купи акциите што „Изо стоне“ ги поседуваше во „Македонијатурист“ и сега поседува вкупно 44.500 акции, кои претставуваат 9,9 проценти од основната главнина на друштвото, дознава „Блумберг Адрија“.
Со овој потег „Скопски пазар“ стана втор најголем поединечен акционер во „Македонијатурист“, компанија во која извесен период има акционерски прегрупирања и обиди за окрупнување на капиталот.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Криптоеуфорија и во Македонија: Со биткоин се купуваат јајца
Подемот на биткоинот по победата на Доналд Трамп на претседателските изборите во САД е значаен настан во финансискиот свет. По изборната победа на републиканскиот кандидат, биткоинот достигна невидени височини, надминувајќи над 93.000 долари.
Постојат некои микропоказатели дека целиот овој криптооптимизам од преку барата се префрла и кај нас. Така на пример на социјалните мрежи деновиве може да се сретнат објави во кои се наведува дека скопска фарма прифаќа плаќања за нејзините органски и свежи јајца со криптовалути.
„Поддржуваме биткоин, етереум, лајткоин и други (вклучувајќи и провизија) за да ви овозможиме брзо и безбедно плаќање“, се наведува на официјалната фејсбук-страница на фармата.
Според познавачите, биткоин „лудилото“ ќе се продлабочува, а најоптимистичките очекувања се дека оваа криптовалута би достигнала вредност од дури половина милион долари.
Колку македонски граѓани се радуваат на воскреснувањето на криптопазарот?
Некои пресметки покажуваат дека илјадници лица од регионот Адрија ќе имаат причина за радување од заживувањето на пазарот на криптовалутите, кој беше разнишан по низата скандали и измами.
Имено, според пресметките на „Трипл А“ (Triple A) во Македонија заклучно со 2023 година 25.111 лица имале криптовалути во своја сопственост, што е еднакво на 1,20 проценти од вкупната популација.
Според „Трипл А“ од земјите од регионот, најмногу сопственици на криптовалути заклучно со минатата година имало во Србија (131.775 односно 1,84 проценти од вкупната популација).
Како Маск планира да воведе ред во американската бирократија
Новиот претседател на САД, Доналд Трамп, сака да ја демонтира федералната бирократија и дури да елиминира најмалку еден федерален оддел. За да го направи тоа, тој создава нова агенција наречена Оддел за ефикасност на владата (Department of Government Efficiency/DOGE).
Проектот за ефикасност ќе го водат двајца луѓе: Илон Маск и претприемачот Вивек Рамасвами.
Ако името звучи како меме, тоа е затоа што е. Кратенката DOGE е идеја на милијардерот Илон Маск, кој го смисли акронимот во чест на маскотата за дигиталната валута доџкоин (Dogecoin), што е негова опсесија.
Амбицијата е голема: 2 трилиони долари намалување на владините трошоци. Трамп рече дека групата ќе „обезбеди совети и насоки надвор од Владата и ќе соработува со Белата куќа и со Канцеларијата за управување и буџет за да спроведе големи структурни реформи и да создаде претприемачки пристап во Владата, што е невидено досега“. Тој ја нарече иницијативата „Проектот Менхетен“ на нашето време.
Поштата тоне во загуби, доставата на пратки сè повеќе доцни
Во 2023 година, 59,7 отсто од пратките преку АД за поштенски сообраќај Пошта на Република Северна Македонија биле доставени во првиот ден, додека 30,5 отсто биле доставени во период подолг од три дена, се наведува во извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Оттаму посочуваат дека резултатите укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75 отсто и максимален стандард од 88 отсто за успешно и навремено доставени пратки.
Во согласност со ревизорскиот извештај, друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 229.883 илјади денари или 3.726.000 евра е искажана во 2022 година.
Ќе патуваме ли низ регионот без зелен картон?
До октомври 2026 година треба да се овозможи на возачите од земјите на ЦЕФТА да патуваат од една во друга земја на организацијата без да имаат потреба од зелена карта или еквивалентна документација за осигурување (MTPL).
„Дополнително, Заедничкиот комитет на ЦЕФТА ги повикува страните целосно да ги дигитализираат осигурителните документи и да овозможат електронска размена на истите. Оваа дигитална транзиција има за цел да ја елиминира потребата од физички осигурителни документи при патување во рамките на ЦЕФТА“, соопшти организацијата.
Освен земјите од регионот на Западен Балкан (Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово) дел од ЦЕФТА е и Молдавија.