Последните избори во САД кои предизвикаа една од најголемите општетствени поделби во поновата историја на земјата натера некои Американци да размислуваат за преселба во странство. Според консултантски фирми во индустријата, интересот за таканаречените златни визи - кои даваат права на престој преку купување недвижен имот или други инвестиции - се зголеми по победата на Доналд Трамп на почетокот на овој месец.
И покрај неодамнешните заострувања односно ограничувања за златните визи од некои влади и од Европската унија, програмите сè уште се достапни во неколку земји на ЕУ и остануваат омилена стратегија меѓу побогатите Американци и другите државјани кои имаат готовина и флексибилност да ги напуштат своите матични земји.
„Многу луѓе подготвуваат план за да се преселат доколку е потребно“, рече Пол Вилијамс, главен извршен директор на визната консултантска компанија „Ла вида голден визас“ (La Vida Golden Visas), кој истакна дека сообраќајот на неговата веб-страница се зголемил 23 пати на денот по изборите сред „плимниот бран“ на интерес од Американците.
Прочитај повеќе
Грција, Шпанија и Италија - колку чини златната виза за дигиталните номади?
Златните визи експлодираа во еден момент, а како е сега? Некои допрва ќе ги воведуваат, но расте и бројот на земји кои ги укинуваат.
04.05.2024
Грција дополнително ги поскапува златните визи
Грчката влада планира да го зголеми минималниот износ што потенцијалните странски купувачи на имот мора да го платат за да обезбедат т.н. златна виза.
22.03.2024
Ова се најдобрите златни визи во светот
Португалија се реши да стави крај на даночните олеснувања за иселениците
03.03.2024
Австралија ја стопира „златната виза“ бидејќи повеќе губи отколку што добива
Австралија ги паузираше апликациите за поединци што инвестираат повеќе од 5 милиони австралиски долари (3,3 милиони американски долари) во земјата.
22.01.2024
Златните визи во Европа цветаат, и покрај повиците за нивно укинување
Членовите на Европскиот парламент и Европската комисија ги повикаа земјите од ЕУ да ги укинат златните визи.
15.08.2023
Заоѓа сонцето на златните визи
Кинезите се најбројни сопственици на златни визи во Ирска, Грција и Португалија, а програмите се популарни и меѓу Русите и Американците
19.07.2023
Зголемен интерес
Имиграциската фирма „Хенли и Партнерс“ (Henley & Partners) соопшти дека добила четири пати повеќе барања од Американците во неделата на изборите во споредба со претходната недела, и четвртина повеќе апликации оваа година до денес во споредба со истиот период минатата година. Мурат Чоскун, управен партнер во компанијата „Гет голден виза“ (Get Golden Visa), пресмета деветкратен скок во дневниот сообраќај на неговата страница во деновите по изборите.
Иако мерењето колку од овие барања всушност резултираат со преселување е повеќе уметност отколку наука, златните визи станаа сè попопуларни кај Американците во последниве години. Поттикнати од пандемијата и зголемените трошоци за живот, оние со средства побараа порелаксиран начин на живот, можности за работа на далечина и можности надвор од САД, искористувајќи го брзиот пристап до европско жителство и државјанство. Португалија, Грција и Шпанија добиваат најмногу барања, според Чоскун.
Сепак, добивањето златна виза станува потешко. Неколку европски земји ги заострија правилата во изминатата година поради загриженоста дека приливот придонесува за инфлацијата на недвижностите. Некои ги поскапеа визите. Европската унија, исто така, изврши притисок врз земјите да ги ограничат програмите, тврдејќи дека им дале на богатите поединци премногу лесен пат до државјанство на ЕУ.
Подолу некои од правилата и промените во најпопуларните дестинации во ЕУ:
Португалија
Португалија ги зголеми трошоците за пристап до својата програма на 500.000 евра од 350.000 евра во 2022 година. И опцијата за инвестирање во недвижен имот беше укината минатиот октомври, а сега се потребни инвестиции во фондови за ризичен капитал или отворање нови работни места за да се квалификуваат барателите. Апликантите се соочуваат и со одложувања поради заостанати повеќе од 400.000 барања за визи во земјата. За да се забрза процесот, голем број од нив започнаа правна постапка против португалската агенција за имиграција.
Но, владата претходно оваа година воведе правило според кое има можност да им дозволи на луѓето пристап до државјанство пет години од датумот на нивната оригинална апликација за златна виза, наместо кога на крајот ќе ги добијат картичките за престој, смирувајќи ги грижите за оние кои се соочуваат со повеќемесечни одложувања.
Шпанија, Грција и Италија
Во Шпанија се расправа за сегашната опција за добивање виза со инвестирање 500.000 евра во недвижен имот. Парламентот го одобри нацрт-законот за укинување на програмата, но сепак треба да помине низ Сенатот. Грција го зголеми минималниот праг за недвижности што се бара од овој септември од 250.000 евра на 400.000 евра во руралните области и 800.000 евра во големите градови и некои популарни острови. На инвеститорите им е дозволено само едно купување имот во рамките на програмата и тој не може да се користи за краткорочно изнајмување.
Ова доаѓа во услови на загриженост од порастот на цените на недвижностите во земјата. Само во Атина, кириите се зголемија за 23 проценти во 2023 година. Сепак, многумина велат дека зауздувањето на златните визи нема да ја спречи неконтролираната инфлација на станбените објекти, која има повеќе врска со системскиот недостиг во понудата.
Во Италија, потребна е инвестиција од 250.000 евра во локални стартапи за да се добие жителство, иако е потешко да се добие државјанство.
Карибите
Европската унија изврши притисок врз некои карипски нации кои обезбедуваат државјанство што овозможува пристап до ЕУ. Како одговор, четири од тие нации ја зголемија цената на нивните програми во јуни, наплатувајќи минимум 200.000 долари за нивните пасоши. Антигва и Барбуда сега бараат минимална инвестиција во недвижности од 300.000 американски долари, додека инвеститорите во Сент Китс и Невис можат да инвестираат 250.000 долари во фонд, да купат акции во проект за недвижнини одобрен од владата за најмалку 325.000 долари или да купат дом за минимум 600.000 долари.
Сепак, и покрај дополнителните ограничувања, американската побарувачка останува висока.
Нури Кац, основач на канадската консултантска куќа „Апекс капитал партнерс“ (Apex Capital Partners), рече дека зголемените трошоци не ја намалија побарувачката.
„Карипските нации сега се натпреваруваат со Европа за нејзината побогата клиентела. Тоа е тоа“, рече тој.
Пресврт во ЕУ?
Во октомври, Судот на правдата на ЕУ изрази мислење дека Малта била погрешно нападната од извршната власт на ЕУ во 2022 година, кога тврдела дека земјата давала златни визи со преголема попустливост.
Мислењето може да охрабри голем број земји на ЕУ, кои ги запреа своите златни визи по притисокот на ЕУ, да ги обноват своите програми, вклучително и Црна Гора и Албанија, велат консултантите.
„Се чувствувам прилично оптимист за иднината“, рече Вилијамс од „Голден визас“.