Грците имаат огромен избор од партии на утрешните избори за нова влада, што може да резултира со повторно гласање за неколку недели. Десетици партии учествуваат на изборите што прв пат се одржуваат по нова регулатива која ја отежнува можноста на една партија да добие мнозинство во парламентот кој брои 300 пратенички места.
Новиот систем требаше да ја направи политиката на земјата помалку поларизирана. Но, наоѓањето коалициски партнери во таков разбиен политички пејзаж може да биде тешко: има лоша крв меѓу водечките кандидати, додека гневот поради најсмртоносната железничка несреќа во грчката историја предизвика многу гласачи да се свртат кон помалите партии. Неуспехот да се формира влада би значело дека ќе се одржат нови избори - според нов сет на правила. Тоа, исто така, може да го одложи враќањето на Грција во статус на инвестициски степен, откако оваа земја од еврозоната практично банкротираше пред една деценија.
1. Што се смени во гласачкиот систем на Грција?
Од 2012 година, партијата што победуваше на изборите добиваше бонус од 50 пратенички места, што го олеснуваше патот до мнозинство во 300-члениот парламент. Во 2016 година, тогашниот премиер Алексис Ципрас го промени изборниот закон за да воведе пропорционален систем каде пратеничките места се распределуваат според процентот од гласовите што ги добива секоја партија. Тој ја оправда промената со образложението дека така попрецизно се одразува изборот на гласачите. Сега партијата-победник ќе треба да обезбеди околу 48 проценти од гласовите за да формира влада сама, што е речиси невозможна задача поради големиот број партии што учествуваат на изборите. На овие избори прв пат се користи новиот систем. Во 2019 година кога Кирјакос Мицотакис стана премиер откако неговата централнодесничарска партија Нова демократија заврши на првото место, со 40 отсто од гласовите се уште беше во употреба старата регулатива
2. Што го чека победникот?
Продолжување на економското закрепнување на Грција и враќање на инвестицискиот статус. Грчката економија успеа да надмине повеќе премрежија, вклучувајќи ја пандемијата Ковид, војната во Украина и енергетската криза во Европа. Иако децениската должничка криза беше силен удар за земјата, грчката економија сега расте многу побрзо од онаа на многу други европски земји и инвеститорите гледаат потенцијал за раст во годините што доаѓаат. Она за што најмногу се грижат е новата влада да има силна поддршка во парламентот за да може да се држи до одржливиот фискален пат следен пред пандемијата и да продолжи целосно да ги користи фондовите на Европската унија кои помагаат да се поттикне растот.
3. Зошто да нема коалициска влада?
Освен за време на долгата должничка криза на Грција, кога партиите мораа да соработуваат за да ги спроведат мерките за штедење потребни за меѓународна финансиска помош, земјата нема вистинска историја на коалициски влади. Не е во ДНК на грчките партии да работат заедно. Но, проблемот не е само кавгата со политичарите. Тешка е и математиката, со оглед на бројот на потребни места. Едно можно сценарио е дека Сириза, социјалистичката партија Пасок предводена од Никос Андрулакис и партијата Мера25 на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис може да добијат доволно пратеници меѓу нив за да формираат влада. Но, Андрулакис нема да учествува во влада со Ципрас како премиер, додека Варуфакис не сака да соработува со никого. Мицотакис и Ципрас отфрлија каква било соработка меѓу нивните партии. Односите меѓу Мицотакис и Андрулакис исто така не се добри, особено откако минатата година се дозна дека грчката тајна служба го прислушувала мобилниот телефон на Андрулакис. Лидерот на Пасок рече дека нема да се приклучи на влада со Мицотакис како премиер. Мицотакис рече дека не може да го прифати тоа барање.
4. Што ќе се случи ако нема влада?
Доколку ниту еден од тројцата најголеми добитници на гласови не успее да формира влада во кратката временска рамка, најверојатно ќе бидат распишани нови општи избори. Тие би се одржале на почетокот на јули – повторно по нова изборна регулатива. Мицотакис, кој себеси се нарекува силен застапник на еднопартиска влада, спроведе промени за време на неговиот мандат кои враќаат дел од поранешниот систем. Партијата што ќе заврши прва ќе добие бонус кој може да достигне и до 50 места, во зависност од уделот на гласовите. Таканаречениот систем на полупропорционална застапеност е прилично комплициран. Но, суштината е дека првопласираниот може да формира еднопартиска влада ако има најмалку 38 проценти од гласовите и се додека партиите кои не го исчистат прагот потребен за влез во парламентот (3 проценти од вкупниот број) добиваат кумулативни 10 проценти од вкупните гласови. Дополнителните места ќе ја доближат најголемата партија до потребните 151, за да може да ги заобиколи своите главни ривали и да допре до една или две подготвени помали партии, теоретски олеснувајќи го формирањето влада.