Регулаторната комисија за енергетика ги утврди праговите за блок тарифите за струја кои ќе се применуваат од 01 јули. Првата блок тарифа ќе важи за домаќинствата кои ќе трошат од 0 до 210 киловат часови, втората тарифа ќе биде до 630, третата со 1.050, а четвртата над 1.050 киловат часови. Блок тарифите ќе важат само за дневната, скапа, струја.
„Овие блок тарифи се воведуваат со една цел да се рационализира потрошувачката со електрична енергија, односно кој ќе троши повеќе тој ќе плаќа повеќе. Тарифните блокови претставуваат еден вид концепт како што беше персоналниот данок, кој има поголеми приходи да плаќа повеќе. Блоковите ќе важат исклучиво за време на важење на скапата тарифа, од 7 до 22. Евтината тарифа продолжува како што беше досега до 22 до 7 и цел ден недела и потрошувачката кај евтината тарифа нема да биде тарифирана врз основа на блокови, за евтина тарифа нема да важат блоковите“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
На седницата што ќе одржи в среда ќе биде утврдена и новата цена на струјата која домаќинствата ќе ја трошат исто така од 01 јули. Се чека уште универзалниот снабдувач ЕВН Хоум да достави пресметки за своите трошоци. Останатите компании веќе ги доставија пресметките. МЕПСО и Електродистрибуција побараа по 60 односно 80 отсто зголемување на цената. Во петокот ЕСМ, како единснтвен понудувач на тендерот на ЕВН Хоум, понуди целосно да ги задоволи потребите за струја во периодот јули – декември по цена од 48 евра за мегават час или 17 отсто повеќе од досега.
Прочитај повеќе
ЕВН ќе ја купува струјата за 17 отсто поскапо од досега
Од 01 јули се очекува повисока цена на струјата во земјава
24.06.2022