Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека авионската несреќа во која загина Евгениј Пригожин е премногу несофистицирана за да биде заговор за атентат од страна на Владимир Путин, иако тој рече дека го предупредил лидерот на „Вагнер“ дека неговиот живот е во опасност.
„Не можам да замислам дека Путин го направил тоа, дека Путин е виновен“, рече Лукашенко во петокот за време на посетата на универзитет во главниот град Минск. „Тоа е премногу груб, непрофесионален начин“.
Лукашенко рече дека им посочил на Пригожин и на вториот човек во „Вагнер“, Дмитриј Уткин, на опасноста по нивните животи кога го посетиле во Белорусија по бунтот на платеничката група во Русија. „Категорично ги предупредив и двајцата - внимавајте, момци“, рече тој.
Прочитај повеќе
Евгениј Пригожин е меѓу загинатите во авионска несреќа
Приватниот авион се урна денеска во руската област Твер
23.08.2023
Со смртта на Пригожин, Путин ја враќа контролата врз руската елита
Несреќата се случи точно два месеца по бунтот на Пригожин, кој Путин го осуди како „предавство“.
24.08.2023
Путин веројатно го одобрил убиството на Пригожин
Првичните анализи на САД покажуваат дека во авионот имало бомба
25.08.2023
Лукашенко е најблискиот сојузник на Путин и поддржувач на неговата војна во Украина, и им дозволи на руските трупи да нападнат и од белоруска територија минатата година. Лукашенко исто така посредуваше во договорот што го убеди Пригожин да стави крај на својот бунт во јуни, кога силите на „Вагнер“ се приближија на 200 километри од Москва, доведувајќи го под досега најголема закана владеењето на рускиот претседател кое трае речиси четвртина век.
Пригожин се согласи да оди во Белорусија како дел од договорот, а илјадници војници на Вагнер му се придружија таму, поставувајќи камп и помагајќи да се обучуваат белоруските војници. Лукашенко рече дека Белорусија ќе продолжи да биде домаќин на приватната воена организација.
„'Вагнер' живееше, 'Вагнер' живее и ќе живее во Белорусија, без разлика дали некој е незадоволен поради тоа“, нагласи тој.