Полска соопшти дека престанала да ѝ испорачува оружје на Украина, дополнително ескалирајќи го спорот околу пратките со жито, кој се заканува да го прекине клучниот сојуз во борбата на Киев против Русија.
„Веќе не испраќаме оружје во Украина, бидејќи сега ја вооружуваме Полска со помодерно оружје“, рече премиерот Матеуш Моравјецки во интервју за телевизијата „Полсат“, како одговор на прашање на новинар за тоа дали Варшава ќе продолжи да го поддржува Киев и покрај несогласувањето за извозот на жито.
Тој рече дека неговата влада нема намера да ја „ризикува безбедноста на Украина“ и дека нема да се меша во испораките на оружје од други земји преку воениот центар што беше отворен во градот Жешов. Тој истакна и дека Полска има и финансиска корист од транзитот.
Развој на настаните: Полска ретерира од изјавите дека нема да испраќа оружје во Украина
Спорот фрли ненадеен сомнеж врз единството што ги дефинираше односите на соседите пред спорот за житото, пријателство што се чинеше дека е олицетворение на европската солидарност со Украина против руската инвазија.
Од Киев немаше итен одговор на коментарите на Моравјецки.
„Не сум сигурен дека тоа ќе има значително влијание“ врз воените напори, рече Питер Шредер, поранешен аналитичар за Русија во американската Централна разузнавачка агенција и сега помошен виш соработник во Центарот за нова американска безбедност. „Најважната улога на Полска беше како место за претовар за испорачаното оружје од НАТО и други земји во Украина“, рече тој. „Премиерот истакна дека тоа ќе продолжи“.
Полска е витална маршрута за оружјето што оди кон Украина од нејзините сојузници во САД и Европа.
Изјавата на Моравјецки дојде само неколку часа откако Полска го повика амбасадорот на Украина и се закани дека ќе ја прошири забраната за жито и на другиот увоз од својот сосед.
Владата во Варшава реагираше на изјавите на Володимир Зеленски на Генералното собрание на Обединетите нации во вторникот, во кои украинскиот лидер обвини некои земји од Европската Унија дека глумат солидарност со неговата земја разорена од војна, а ја задоволуваат Русија.
Иако Зеленски не ја издвои Полска, неговиот јазик предизвика лут одговор оттаму. Владејачката партија Право и правда врие поради претходните критики од Киев за нејзината одлука за еднострано продолжување на забраната за увоз на жито во Украина - што се смета за предизборен потег насочен кон полските гласачи од руралните средини.
По првичната размена на подбуцнувачки зборови меѓу Зеленски и неговиот полски колега Анджеј Дуда, во вторникот, Моравјецки се закани дека ќе вклучи повеќе производи кон забраната за жито доколку Киев ја ескалира ситуацијата.
Дуда во вторникот во Њујорк ја спореди реакцијата на Украина на забраната за жито со онаа на давеник, кој „може да биде крајно опасен, бидејќи може да ве одвлече во длабочина“ и „да ги удави спасувачите“.
Ваквата двонасочна размена на коментари сигнализира дека она што изгледаше како релативно мало несогласување се претвори во нешто поголемо.
Понатамошното влошување може да има директни импликации за војната, бидејќи Полска е примарна дестинација за бегалците и порта за околу 90 отсто од сета западна помош и воена опрема насочена кон Киев.