Извршната рака на Европската унија го блокира заемот од 1,5 милијарди евра за Украина бидејќи претпазливоста преовладува над итните потреби на земјата, тврдат официјални лица.
Украина притиска за помош за да ја одржи својата економија во живот додека се спротивставува на руската инвазија, но виде дека предложениот заем е блокиран од буџетската единица на Европската комисија поради загриженоста за нејзината финансиска сигурност, посочуваат официјалните лица кои побарале да останат анонимни.
Европската инвестициска банка (ЕИБ), позајмувачот на ЕУ, му го понуди заемот на Киев за да ја поддржи нацијата разурната од војна, која се соочува со зголемени воени трошоци и колапс на приходите. Комисијата гарантира заеми од ЕИБ за операции надвор од ЕУ, со провизии кои обично изнесуваат 9 отсто од вкупното финансирање.
Но, во овој случај, комисијата сака провизии од 70 отсто, како што тоа го направи со претходниот предлог од 1 милијарда евра за Украина, посочуваат официјалните лица. Комисијата го поставува барањето во случај земјата да не може да ги врати средствата на пазарите, велат тие.
Официјален претставник на комисијата рече дека ЕУ треба да се увери дека може да ги апсорбира загубите во случај на неисполнување на обврските од страна на Украина. Комисијата бара алтернативни решенија, кои се потпираат на земјите-членки на ЕУ или на ЕИБ да споделат дел од дополнителните ризици поврзани со овие заеми, додава функционерот.
Самата ЕУ се мачи да се договори за краткорочно финансирање на Украина за исплата на плати и други тековни трошоци. ЕУ веќе мораше привремено да го намали износот на итното финансирање што го испраќа на Киев, при што минатонеделниот предлог од 1 милијарда евра беше закочен бидејќи Германија блокира поголем пакет од речиси 9 милијарди евра.
Голем број сојузници на блокот, претходно оваа недела,приватно ја критикуваа ЕУ на донаторската конференција во Лугано дека не ги исполнила нејзините поголеми обврски од скоро 9 милијарди евра и ја повикаа да го стори тоа итно, велат изворите.
Министерството за финансии во Киев снемува можности за финансирање додека војната се одолговлекува, поради што земјата се повеќе се потпира на надворешна помош. Украинските власти ја истражуваат можноста за реструктуирање на долгот како начин да го олеснат товарот, додека остануваат во добри односи со меѓународните инвеститори.